Расте бројот на заболени, како во Европа, така и во регионот, а со тоа се засилуваат рестриктивните мерки, но и незадоволството на граѓаните.

Во последните 24 часа во Србија се регистрирани 2.282 нови случаи на ковид- 19, а починале 10 лица. Тестирани се 12.947 примероци, а 57 пациенти на респиратор. Поради растечкиот број на заболени на седницата на Кризниот штаб беше одлучено дека, почнувајќи од среда, и средношколците и учениците од основните училишта имаат три слободни дена. Исто така, донесена е одлука за забрана за собирање на повеќе од пет лица на отворен и затворен простор. Барем неколку случаи се потврдени секој ден во скоро секој град во Србија, соопштија од Кризниот штаб од каде засега не се одлучиле на некои од најрадикалните мерки иако ситуацијата е крајно неповолна и нестабилна.

Во последните 24 часа во Хрватска се потврдени 2.890 нови случаи на инфекција со корона вирус, а 34 лица починаа, соопшти денеска Националниот штаб за цивилна заштита. Во моментов има 15.567 пациенти, вклучително и 1.307 пациенти во болница, од кои 135 се на кислородна поддршка.

Во последните 24 часа биле тестирани 9.317 луѓе и 2.645 се опоравиле. Во моментов, 33.467 граѓани се во самоизолација.

Од почетокот на епидемијата на корона вирусот е потврден кај 62.305 лица, од кои 717 починале и 46.021 се опоравиле. Тестирани се вкупно 541.605 примероци.

Во Босна и Херцеговина (БиХ), без областа Брчко, 54 лица починаа во последните 24 часа, што е највисоко од почетокот на епидемијата на коронавирус.

Агенциите известуваат дека биле пријавени 1.886 новоинфицирани со коронавирус, од 4582 тестирани. 3.383 примероци биле пријавени во Институтот за јавно здравје на Федерацијата БиХ, од кои 1.297 биле позитивни на корона.

Регистрирани се нови случаи во сите кантони во Федерацијата БиХ. Вкупно 220.869 примероци биле тестирани, а инфекцијата е потврдена кај 37.540 лица.  Во Федерацијата БиХ, излечени се 20.888 пациенти, а 199 пациенти се опоравиле во изминатите 24 часа. Во моментов, активни се 15.740 случаи со корона, а бројот на смртни случаи во Федерацијата БиХ се искачи на 912.

Во Љубљана синоќа се судрија демонстрантите и полицијата за време на непријавените протести против владините мерки за спречување на ширење на коронавирусот. Четворица припадници на специјалната полиција беа повредени, а четворица демонстранти беа уапсени, рече министерот за внатрешни работи Алеш Хојс.

Хојс изјави дека на крајот, во непријавените протести учествувале 400 до 600 лица, кои ги нарече „анархисти“, додавајќи дека меѓу нив биле забележани екстремни членови на навивачки групи и елементи на „подземјето“, а полицијата била нападната физички и со гранитни блокови, па била принудена да употреби водени топови и други средства за принуда.

Полицијата уапси три лица на местото на настанот, и има многу снимен материјал, рече Хојс, додавајќи дека очекува да ги „гони“ сите оние кои ја нападнале полицијата и учествувале на собирот забранет за време на епидемијата и „на денот кога од корона починаа 30 луѓе “.

Ненајавените протести беа објавени преку социјалните мрежи од групата наречена „Анонимна Словенија“, од чии активности веќе се дистанцираа групи, кои бараа оставка од владата на т.н. „велосипедски протести“.

Сепак, Хоис рече дека протестите и нападите врз полицијата се „охрабрени“ од протестите што траат веќе неколку месеци во словенечката престолнина, дека се мотивирани од напади врз владата преку медиумите и лидерите на опозицијата кои од ваквите протести не се дистанцираат.

Според извештаите на словенечките медиуми, немирите започнале откако полицијата се обидела да уапси некои демонстранти кои им дофрлале или ги навредувале припадниците на полицијата, а подоцна нападнале и некои новинарски екипи кои известувале за настанот, а ранети се и неколку демонстранти. А.Р.