Резултатите од тестот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев се очекуваат околу 16 часот. Веднаш потоа Министерот Венко Филипче ќе одржи прес конференција да ги соопшти деталите, како и да информира за состојбата и актуелните прашања со коронавирусот во земјата, соопштуваат од министерството за здравство.

Во моментов се одржува вонредна консултација помеѓу стручниот тим на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за да се утврдат следните чекори во однос на заштита и изолација во зависност од исходот на резултатот.

Министерството за здравство информира дека денеска од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби со два негативни теста на Ковид-19 се испишани 3 оздравени пациенти, двајца од Тетово и еден од Куманово. Два пати негативен и оздравен е пациент од Скопје кој се лекуваше во домашни услови.

Во изминатите 24 часа направени се рекордни 496 тестирања на Ковид -19, при што се регистрирани 48 нови случаи, позитивни на вирусот. По градови: Скопје -11, Куманово – 25, Штип -1, Прилеп – 4, Тетово – 1, Струга – 3, Охрид -1, Гостивар -2.

Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја изнесува 711 лица. Според местото на живеење, досега случаи на Ковид -19 се регистрирани во: Скопје – 284,  Куманово – 168, Дебар – 49, Штип-21, Прилеп –50, Тетово – 31, Струга – 33, Велес – 18, Битола –8, Охрид –4, Кавадарци – 3, Гостивар –6, Гевглелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка-3, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 19, Пробиштип – 1.

Од 496 тестирање, преку ИЈЗ се направени 353, преку Ветеринарен факултет –9, Авицена –14 , Биотек –24 и Фипил Втори (Жан Митрев) –96. Досега во земјата се направени 7.067 тестирања на Ковид-19.

Согласно извештајот на Институтот за јавно здравје, во денешната статистика ќе бидат евидентирани 2 претходно починати лица. Едно лице од Лабуништа – Струга (63г) за кое Министерството информираше на 5 април. Пациентот беше донесен во тешка состојба на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, а неговиот тест е изработен постмортем. Во денешната статистика на ИЈЗ ќе биде евидентиран и починатиот притвореник од Истражниот затвор во Шутка, за кој Министерството информираше во текот на вчерачниот ден. А.Р.