Фантастичната музичка драма „Ла Ла Ленд“ со Ема Стоун и Рајан Гослинг веќе сите ја прогласуваа за „најубав филм на сите времиња“, па сепак, освојувањето на рекордните 14 номинации за наградата „Оскар“ беа вистинско изненадување. Во 89- годишната историја на овие најважни филмски награди во светот само два филма ги имаат освоено речиси сите номинации за играните долгометражни филмови (освен шминка и визуелни ефекти во случајот на „Ла Ла Ленд“), и тоа: „Се за Ева“ на Џозеф Манкиевич од 1950 година и „Титаник“ на Џејмс Камерон од 1997 година. Но, „Ла Ла Ленд“ се чини ги оправда сите очекувања, а особено фасцинацијата со една ваква необична драма, која во времето на визуелните ефекти, го носи старото и новото и успева толку лесно да ви го освои срцето.

И не случајно, бидејќи „Ла Ла Ленд“ на својот особен начин говори за сето она што е бесмртно, за љубовта, за амбициите и соништата, за преголемите очекувања од себе и од другите, за барањето на суштината низ симболите, низ очите на саканиот, за барањето на она што е понекогаш тешко да се препознае, иако е на дофат на раката. Дамиен Шазел, кого сега сите го нарекуваат вундеркинд, ја освои публиката со уште еден музички филм „Ритамот на лудилото“, за сега да ја покаже целата своја фантазија и обземеност со движењата и со ритамот. Бидејќи, тој така го набљудува светот и затоа успева со овој некласичен мјузикл да му направи посвета на „златното време на Холивуд“, но и да направи нешто сосем поинакво и ново, нешто толку модерно, а сепак во него многумина да ја гледаат посветата на извонредните мјузикли на Винсент Минели и Жак Деми.

Како и да е, но „Ла Ла Ленд“ сосем оправдано се претвора во вистински филм на годината, филм кој не предизвика на едно сосем поинакво размислување, но и не потсети на вистинските вредности и на тоа дека ништо не трае вечно. Остануваат само сеќавањата, останува само надежта, или сонот за тоа што можеа да донесат пропуштените шанси. А сето тоа на еден полн со фантазија, забавен, динамичен начин, начин кој освојува и опива со својата заводливост, со својата моќ да го донесе искушението и да ве понесе на патување кон ѕвездите кое, напротив, не не води во некој измислен и совршен свет, туку директно во оној реалниот, во светот на подеми и падови, во оној свет во кој вистинската „среќа“ доаѓа со прифаќањето.

За најдобар филм оваа година ќе се борат девет многу различни остварувања меѓу себе. За најголема конкуренција на „Ла Ла Ленд“ се смета драмата „Месечина“ на Бери Џенкинс, која освои осум номинации за „Оскар“. Оваа силна драма која зборува за себеоткривањето и која ја носи безвременоста кога станува збор за човечката природа и потреба од другиот, инаку фокусирана на животот на едно црно момче кое расте во сурова околина, но кое мора да се соочи со својата хомосексуалност, а која досега има освоено рекордни тристотини награди и номинации, исто така, беше фаворит и најголем конкурент на „Ла Ла Ленд“ и во трката за „Златен глобус“ со освоени шест номинации (каде што „Ла Ла Ленд“ имаше седум номинации и освои седум „Златни глобуси“). Но, „Месечина“ не го доби очекуваното, од шест номинации доби една награда, за најдобра драма, со оглед на тоа што кај „глобусите“ има две категории на најдобра драма и најдобар мјузикл.

Сепак, сите очекуваат дека главната битка ќе се води меѓу овие два филма. „Месечина“ понесе номинации за најдобар филм, за најдобра режија и адаптирано сценарио на Бери Џенкинс, потоа две номинации за улоги, за споредните на Наоми Харис и на Махершала Али, како и за најдобра музика, фотографија и монтажа. Интересно е дека осум номинации освои и научнофантастичната драма „Пристигнување“ на Денис Вилнев, но овој филм никој не го смета за вистинска конкуренција на „Ла Ла Ленд“. Станува збор за една сосем поинаква приказна за доаѓањето на „вонземјаните“, за една суптилна и многу длабока сторија за разбирањето не само едни со други, туку и на самиот циклус на постоењето, на времето и просторот, на раѓањето и на смртта. Во „Пристигнување“ одлична улога има Ејми Адамс и, за жал, се направи една многу непријатна грешка, кога сите објавија дека таа е номинирана за главна улога, а всушност номинацијата ја доби Рут Нега за филмот „Лавинг“.

„Пристигнување“ има номинација за најдобар филм, за режија и за адаптирано сценарио, но нема ниту една номинација за улога иако одлични улоги имаат и Џереми Ренер и Форест Витакер. Освен овие, филмот на канадскиот режисер Вилнев понесе номинации и за: фотографија, монтажа, продукциски дизајн, за звук и звучна монтажа.

„Ла Ла Ленд“, „Месечина“ и „Пристигнување“, зад нив се уште два фаворита, и тоа семејната драма „Манчестер на море“ на Кенет Лонерган и воената драма „Гребенот на спасените“ на Мел Гибсон, кој по цели 20 години од „Храбро срце“ и од неговите испади поради што беше игнориран, се враќа и тоа во трка за главните награди. „Гребенот на спасените“ е една особена драма за хероизмот во Втората светска војна и за единствениот војник кој се бори без оружје. Покрај за најдобар филм и режија, номинација има и Ендрју Гарфилд за најдобра машка улога, како и за монтажа, за звук и звучна монтажа. Додека, „Манчестер на море“, покрај номинациите за најдобар филм, за режија и за сценарио, е единствениот филм кој понесе три номинации за улоги, за главни на Кејси Афлек и Мишел Вилијамс, и за споредна за Лукас Хеџис. Инаку, шест номинации понесе и мелодрамата „Лав“ на Гарт Дејвис со Дев Пател („Милионер-бездомник“) и Никол Кидман, приказна за еден изгубен Индиец кој ќе биде посвоен во Австралија.

По 4 номинации добија филмот на Дензел Вашингтон „Огради“, сместен во 1950-тите години, потоа вестернот „По секоја цена“ („Hell or High Water“) на Дејвид Мекензи, а три номинации и големо изненадување донесе вклучувањето во главната трка на една вистинска приказна поврзана со вселенската мисија на НАСА насловена „Скриени лица“ во режија на Теодор Мелфи.

Najdobra zenska ulogaЗа најдобра главна женска улога, покрај Ема Стоун и Рут Нега, ќе се натпреваруваат и: Натали Портман за улогата во „Џеки“, Мерил Стрип за „Флоренс Фостер Џенкинс“ и Изабел Ипер за „Ел“. Интересно е дека кај „глобусите“ Ипер за улогата во еротскиот трилер на Пол Верховен и ја зема наградата на Портман. Овде филмот „Ел“ не е ни номиниран и сите очекуваат што ќе се случи. Мора да се спомене и дека годинава се чини Мерил Стрип ги достигна сите рекорди, и тоа на 30-та номинација за „Златен глобус“, а сега и за 20-та номинација за „Оскар“, кој го има освоено три пати.

Najdobra maska ulogaЗа најдобра машка улога, покрај Рајан Гослинг и Кејси Афлек (кој го доби „Златниот глобус“ за најдобра улога), номинирани се и: Виго Мортенсен за можеби единствениот блокбастер „Капетан Фантастик“, Ендрју Гарфилд за „Гребенот на спасените“ и Дензел Вашингтон за „Огради“. Овој филм и донесе номинација и на Виола Дејвис за споредна улога, како и на Никол Кидман за споредна улога во „Лав“.

Во трката, пак, за режија се: Дамиен Шазел за „Ла Ла Ленд“, Мел Гибсон за „Гребенот на спасените“, „Месечина“ на Бери Џенкинс, „Манчестер на море“ на Кенет Лонерган и „Пристигнување“ на Денис Вилнев. Ова очигледно е година на „мали“, независни, особени приказни. Годинава нема блокбастери, иако некои од овие филмови веќе се хитови на бокс-офисот.

Наградите „Оскар“ по 89. пат ќе се доделат на 26 февруари во „Долби театарот“ во Холивуд, што ќе го пренесува во живо телевизијата ABC и тоа во 225 земји.

Сунчица Уневска