Разговараше: Валентина Ѓоргиевска Парго
Оваа разговорна средба со Рени е иницирана од нејзиниот настап на Тумба фест, каде ја испеа песната „Царица“.
*Интересна песна, со интересен текст, за девојка која возбудува. Кој ја компонираше, како се роди идејата? 
– Композицијата „Царица“ е инспирирана од животот и најмногу од мојата личност. Сметам, нашите внатрешни емоции и гледишта го дефинираат нашето поведение. Како се чуствуваме, така се однесуваме и тоа сме ние во суштина. Затоа „Царица“ споделува длабока порака од мене за целата публика. Исцрпен текст, раскажан на шеговит начин за да ги разбуди сопствените доживувања на понежниот пол кон себепочитување и да ја промени перцепцијата на посилниот пол во позитивна конотација, кон девојките со самодоверба. Меѓу големиот дел еминентни автори со кои соработувам од земјава и Балканот, за оваа песна музиката и аранжманот ги изработи легендарниот Цане Петров. Текстот го напиша Боби Петковски, кој е ненадминлив во духовитоста на изразувањето. Карактеристично за композицијата е што беше единствената во поп варијанта на сцената, со што се издвои.
*Настапот на кумановскиот фестивал беше реализиран во услови, какви што се оваа година за сите манифестации. Фестивалите беа редуцирани или сведени на некоја минимална програма.
– Оваа година сакав да земам учество иако во услови на пандемија, бидејќи и минатата година имав настап на фестивалот со композицијата „Селфи“. Во неа на хумористичен начин се опишува тренди ситуацијата на современото општество. Естетското внимание на девојката и атрактивниот физички изглед, пренесено преку технологијата до јавноста. Убаво е што традицијата на фестивалот со ревијален карактер продолжува и го посетуваат музички гости од соседството. Зимава која измина настапив и на „Гоце фест” со композицијата „Посилни од лагите“, која е во поп-етно стил. Специфична и поразлична од сите останати. Генерално ги сакам и фестивалите во соседтсвото. Минатите години настапив два пати на „Златен Кестен“ во Бугарија. Годинава се пролонгирани голем дел фестивалски збиднувања.
*”Охрид фест” е фестивалот каде настапивте во два наврати. Всушност првата година во 2018, дебитиравте со една балада . На таа сцена во 2019 испеавте многу убава лесна медитеранска латино мелодија. Според мене на тој летен фестивал треба да доминираат такви песни. И да бидат наградувани.
– „Охрид фест“ е еден од ретките реномирани интернационални фестивали од кој произлегле големи музички имиња, затоа драго ми е што бев дел од него. Минатата година на поп и интернационалната вечер ја испеав „Знаеш ли“, која стилски потсетува на медитеранска латино музика мотивирана од мојот весел темперамент. Накратко, хитовска композиција. Аранжманот покренува кон игра, затоа подготвив карактеристична кореографија- за што ја освоив наградата за најдобар сценски настап. Пред минатата година настапив со емотивна балада „Љубовен печат“ која ги буди позитивните чуства. Тоа е композиција за изразување гласовни можности. Раскажува за возвратена љубов, погодна за романтична изведба на свадбени церемонии и љубовни изненадувања на партнерот или партнерката.
*Песна со потпис од господинот Копров е сепак голема работа, за нашата сцена. Како се случи да пеете негов летен хитовски рефрен?
– Да се отпее композиција од маестро Копров е чест и голема одговорност. Неговото име е поврзано со најголемите хитовски рефрени на Балканот, така и овој пат создаде преубава песна која со задоволство ја испеав. Соработката со него започна паралелно со фестивалот „Охрид фест“ и среќна сум што имав можност да придонесам и новинарски за еминентниот фестивал во неговото проширување во Европски рамки.
* Она што можеби е заднински мотив за ова интервју е всушност вашиот трансфер од тв водителка во пејачка, од хоби. Трансферот е дефинитивен или песната сепак останува хоби?
– Медиумите се дел од мојот живот. Уредувањето емисии, тв водителство, истражувачко новинарство, пишување. Не го почуствував трансферот бидејќи имам музичко образование, а во семејството музичари и генот е во прашање. Нам во домот секој ден ни започнува прво со песна, а потоа следуваат обврските. Компонирам музика и пишувам текстови за песни, во тек е подготовка на моја композиција како комплетен автор.  За во иднина никогаш не се знае што ќе доминира, во зависност од сопствената желба и чуства.
* Според вас, каде има повеќе просперитет, ако воопшто има, во медиумите или на сцената? По што се исти, а по што различни овие две работи?
– Просперитет во музиката и воопшто во сите медиумски професии ќе има доколку го следиме примерот на големите музички индустрии, продуцентски куќи и медиуми. Вложување ресурси во овој сектор, негова заштита и приоритет на креативноста што ќе овозможи квалитетните да имаат напредок. Медиумската работа е јавна и сите сме изложени на критика. Доколку дарбата и едукацијата се преточат во комплетен производ со потенцирање на вистинските вредности, уметникот или медиумскиот професионалец ќе можат да просперираат надвор од границите и на поголемите пазари. Со тоа ќе се овозможи ликот да биде културен амбасадор на нашата земја. Тоа не е бенефит само на поединецот, туку на целата држава.
*По професија сте дипломиран психолог. После работата пред тв камерите, МТВ, Сител, обидот на музичката сцена Ве привлекува ли се уште професијата за која се едуциравте?
– Мојата професија на страна од јавната, е клиничката психологија и медицинските науки за кои се едуцирав и во светски престижни центри, не само во земјава. Постојано се надоградувам и усовршувам интелектуално во научната област. Правам истражувања од областа на здравството, како и образованието, пишувам статии и продонесувам во оваа свера колку што можам повеќе за нашата земја и институциите. Целиот живот ќе ме привлекува, бидејќи сакам професионално и хумано да помогнам на сите на кои што им е потребно. Оваа професија е присутна кај мене и во медиумската работа со луѓе. Бидејќи убавината во контактите со луѓе, го прави денот динамичен.
*Забавна или фолк музика? На фестивалите пеете забавно а на ТВ сител водите емисија со народна музика, гледаната ” Мерак меана” …
– Во моментов останувам доследна на поп музиката до креирањето на мојот албум. Снимив и македонски народни песни за кои имам свои аудио изданија како „Кој што ме чуе да пеам“, „Ја излези стара мајко“, „Ај да бегаме мори Васе“, „Како што е таа чаша“…. Кои се белег на нашата традиција и идентитет и го почитувам. Во организацијата и уредувањето на концептот на фолк емисијата, имав соработка со сите имиња од нашата музичка естрада. Јас не ја делам музиката, бидејќи тоа е посебна димензија и емоција кај мене. Можеби во иднина ќе се случи да направам промена на стилот во музиката.
*За секоја работа да биде успешна мора да се има и домашна поддршка. Одблиску знам дека вие ја имате, особено од страна на Вашата мајка…
– Среќна сум што имам максимална поддршка од целото семејство, за сите мои планови. Како што споменавте, мојата мајка е секогаш тука за новите чекори кои ги преземам, како и татко ми кој е секогаш подготвен за мислење и совет. Пријателите и сите сакани луѓе од мојот емоционален живот се радуваат на активностите кои ги реализирам. Доаѓаат на настапите на фестивалите, ги снимаат моите емисии во домовите, ме бодрат во останатите мои професионални и приватни замисли. Тука се за критика што е најважно, како би станала подобра и за заедничко славење на постигнатите успеси.
* Почнавме со” Тумба фест” , во оваа прилика и да завршиме со “Тумба фест” . “Царица” ќе има ли спот ? Текстот одговара за еден убав занимлив, весел, разигран, по малку хумористичен спот, но како велат во секој хумор половина е вистина.
– Планирам композицијата „Царица“ да добие спот кој ќе биде гламурозен со карактеристичен стајлинг, како што доликува на насловот. Тоа ќе придонесе јас да се произнесам за мојот личен став. Се разбира, посакувам и секоја дама да се почуствува така, како и партнерот со неа.