Македонскиот Културно-информативен центар во Тирана, на 6 јуни, за првпат пред тиранската публика го претстави сликарот Атанас Ботев со неговите дела.

„Топла јунска ноќ, извонредна поставка и прекрасна публика. Неговите халуцинантни слики со длабока содржина, беа голема провокација за љубителите на уметноста во Тирана. Многумина констатираа дека се работи за уметност која е сосем нова и оригинална. Во убава атмосфера, само од себе се разви прекрасен разговор за сликите на Атанас Ботев и каде треба да оди денешната нова уметност“, информираше Златко Ориѓански, директор на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Тирана.

Атанас Ботев е реномиран македонски ликовен уметник, кој дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (графика и графички дизајн), каде и магистрирал. Работи како раководител на Отвореното графичко студио при Музејот на град Скопје. Твори во повеќе медиуми: сликарство, графика, цртеж, инсталација, перформанс. Реализирал бројни самостојни и групни изложби дома и во странство, а добитник е на повеќе награди.