Реприза е бенд составен од 3 млади момци од Ресен. Мартин, Христијан и Борче. На македонската сцена дебитираа со првата авторска песна „Засукај ракави“ во август оваа година. 

„Во оваа бурна 2020 година, покрај сите ограничувања кои што ги имаме, лишување од многу задоволства кои претходно сме ги имале, како големите дружби, свири итн. нашата креативност не згасна. Навистина луѓе! Напротив, многу повеќе музика и текстови се напишаа во ова пандемично „секојдневие“. Се согласуваме дека средбите беа многу ретки. Ретки, но продуктивни. Не сакаме луѓето да не сожалуваат дека сме многу оштетени во ова време, ами напротив да ги охрабриме да започнат да копкаат длабоко во нив и да почнат да го прават она во кое се најдобри!“ – се вели во информацијата на бендот.

Неодамна ја промовираа песната „Иста слика“, за која велат:

„Создадовме еден интересен, необичен рок сингл со мистичен карактер во кој се пее за една слика. Покрај нас тројца, во оваа песна пее и 17-годишната Ангела Трајчевска, наша најдобра пријателка. Огромна благодарност до луѓето без кои беше невозможно овој проект да изгледа вака: Хари Михлајловски, актерот во спотот, Александра Илкова АРТАЛ, сликарот на главната слика, Студио „Подрумот“ – Ангел Ќосев за аудио записот и Пеце Здравковски за спотот на песната.“

Порачуваат „Се додека вие слушате, ние ќе создаваме“ и велат дека нивна цел е да се создава колку што е можно повеќе македонска квалитетна музика.  

Н.Д.