????????????????????????????????????

Валентина Ѓоргиевска Парго

Македонската актерка фела деновиве се прости од големиот актер Љупчо Тодоровски Упа, кој  го напушти овој свет како последица на компликации со коронавирус.

Пред десеттина години кога се врати од Љубљана, за списанието “Шило” зборуваше за своите замисли и планови. Во негова чест го ре-објавуваме тогашното интервју.

***

Во потрага по најдлабоките и најсуштинските вредности на македонската душа, продуцентот, актерот и сценарист Љупчо Тодоровски-Упа, подготвува филм кој ќе биде своевидно историско сведоштво и ќе ја воздигне македонската национална свест. Филмот со наслов „Мајсторот“ ја следи приказната на најголемиот црквоградител на Балканот, кој по цена на глава, не се откажува од црквата што ја гради. Ни пред душманите ни пред „пријателите“.

*Упа, Вие долги години живеевте во Љубљана, за да минатата година се вратите во Скопје и да се зафатите со една мошне ретка, но интересна филмска тема.  За што станува збор?

-Во 2009 година јас го напишав сценариото, како една архаична приказна. Конкурирав во Филмскиот Фонд на Македонија, и минатиот април како единствен филм што доби пари од Фондот. Се вратим во Македонија за да го снимам филмот. Прво што направив, напишаното сценарио, спротивно од сите други сценаристи,  јас го дадов на општо читање. Го прочитаа над 150 луѓе, 30 напишаа рецензија за филмот. Го читаа – сликари, поети, академици, политичари, општественици, глумци, професори, архитекти, новинари…Најмалку филмаџии. Лоша дума не се рече. Напротив! А беа од сите можни политички, верски, филозофски и идејни милјеа. Речиси национално едногласие. Впрочем, и ден денес, може да го дадам на читање на  секој оној што ќе се заинтересира. Филмот е  производ на многу маки, многу љубов и многу страст. Тоа е фикција, но како и да се земе, како жива приказна е затоа што проговорува за македонската судбина во турското.

*Што е основата на  ова сценарио?

-Сценариото почнува вака – на први ноември 1839 година, девет години пред граѓанските револуции во Европа, само 3 месеци од доаѓањето на власт на најмладиот султан на сите времиња, султанот Абдул Меџит, во Ѓулхане (бавчата на розите), во вториот од трите двора  во Топкапи Сарај, донесува еден историски важен и за Турците но посебно за нас Македонците важен указ (на турски Хаттишериф). Тој, имено, пред цела тогашна Турција и сите амбасадори прогласува еднаквост, права, слобода на сите граѓани на царштината. Мајсторот, случајно дојден во Стамбол, со својот син, да прими сабја за извонредни заслуги за царштината, дознава за овој указ. „Мојот“ Мајстор слуша, еднаквост, права, слободи и тоа му е мотив да се врати во своето село, каде што случајно ја гради селската црква и решава да го израмни подот на црквата со рамништето на земјата, исто како и во џамиите, да го поткрене горе басамакот. Значи, и христијанството и Македонецот да бидат еднакви, а не „под земја“ ставени. Но, Султанот е далеку а локалниот бег не му дозволува. А соселаните се плашат.. И тука тргнува драмата. Голема драма. До крај, кога Бегот му вели на Мајсторот – Бирај, главата или црквата!!!Цела Турција е покрената околу овој случај, затоа што од една страна имаш султан кој што од една страна воведува европејство, и имаш еден бег локален кој што рекол не го признава тоа. Слично како и денес, во многу држави во светот, нели? Нешто слично беше и темата на писателот Иво Андриќ, со која зеде и Нобелова награда. Со султанот Абдул Меџит почнува нивната преродба која се вика танзимат;  од тука почнуваат да се европеизираат. Тие се претходниците на Кемал Ататурк. Инаку, како податок – само двајца Македонци во тогашната царска Турција, на тоа време,  биле наградени со султанска сабја; Андреј Дамјанов, најголемито црквоградител на Балканот и Ѓурчин Кокале, најголемиот ќаја на Балканот (со 500.000 овци). Сабјата со која што се наградувале православците, била најголемо признание дека можат да носат оружје, исто како и муслиманите.

*Што се крие зад мотото на филмот? 

-Мото на филмот е  – „наведната глава сабја ЈА сече“. Порано се велело „наведната глава сабја НЕ ЈА сече“. Таа изрека, во одреден момент била, можеби корисна и важна за опстанокот на нашиот народ, но потоа се претворила во мото против опстанокот, зошто не е опстанок да го изгубиш идентитетот свој, својата духовност, а главата да ја спасиш. А овој филм е точно за тоа, за заштитување на својата духовност, за одржување на македонскиот непокор.

*Наиде ли филмот на заинтересираност од други продуценти и држави?

-За овој филм се заинтересира верувале или не, големиот филмски творец, русинот Kончаловски. Неговата продуцентско студио, пак, во писмена форма даде потврда за својата сериозна заинтересираност за заедничко производство на „Мајсторот“. Само да потсетиме дека Кончаловски минатата година го заврши 96 милионски долари скап „Оревокршачка“, вториот најскап европски филм на сите времиња, во  3Д во пет верзии – на германски, руски, француски, англиски и шпански јазик. Поскап се само филмот „Цитадела“ во два дела, што го направи – брат му, Никита Михалков, авторот на  оскаровскиот филм „Изгорени од сонцето“.  На праг сме да пресечеме и со која од трите најголеми турски продуцентски куќи би соработувале на овој филм. Заради темата, досега не снимена во Турција.

*Турците не се бунат поради темата?

-Напротив! Напротив! Затоа сме и посебно внимателни со овој избор. И поради важноста на темата за нив како и големината на пазарот која би донела многукратно поголема заработувачка од вложеното.

*А, ние, каде сме ние?

-Фала Богу – државата и нејзините чинители реагираа – државнички. Но, тие пари не се доволни за овој малку поголем проект. Затоа, за филмот да остане на македонски јазик, да биде македонски и да се снима (и парите, се разбира да останат овде) во најголем дел во Македонија, подготвени сме да прифатиме до десетмина избрани заинтересирани инвеститори, со вложени не повеќе од 100.000 долари. Повторувам, не заради парите, кои сме на чекор да го затвориме буџетот на филмот, туку пред се за да го задржиме правота на одлучување во овој филм во наши, македонски раце! И затоа – бујрум кој има нос за заработка а истовремено си ја сака нашата Македонија. Оти, местата во овој воз се ограничени! Паралелно смислив и еден мошне интересен начин да се учествува во инвестирањето на филмот. Секоја што ќе уплати 15 долари колку што чини да го изгледа филмот кога ќе излезе,  ако сега уплати 15 долари, автоматски станува акционер на филмот. Ова е за последните 10 % од вредноста на филмот. Повторувам, не станува збор само за парите. Тие се најмал проблем –поважно ни е да им овозможиме на Македонците, каде и да се,  да бидат инвеститори, вложувачи во овој историски филм и така овој филм да стане и нивен, наш, општ филм. Да се гордееме сите!

*Освен овој филм, и комедијата „Ни ваму, ни таму“, што ја изведувате со Мони, неизбежно мора да го споменеме и перформансот со кој ја обиколувате Македонија…

-„Парче душа“ е проект, на говорење на поезијата на Блаже Конески. Тоа е еден вид монодрама, или поточно речено поетско читање. За нешто повеќе од една година ја изведов десетици и десетици пати низ Македонија. И се бара уште и уште. Посебно чувство е кога летно време ја играм пред црквата Канео во Охрид. Трае 70-тина минути и ги говорам најубавите стихови од  Блаже Конески. Сега го играм овој проект во Музеј на град Скопје за средношколците, бидејќи Конески е застапен сите четири години во средните училишта – или како основоположник на современиот македонски јазик, или преку „Тешкото“, „Везилка“. Голем е, многу е голем Конески, и заслужува ваква претстава. Бидејќи покрај рецитирањето зборувам и за јазикот наш, историјата, значењата и поврзувањето со поимите и мислењата на нашиот народ веројатно и заинтересираност од некои нашинци од туѓина да одам кај нивните млади на гостување со овој прекрасен проект.

*Што работевте во Словенија?

-Во Словенија повеќе режирав театарски претстави, работев и на кастинзи во Љубљана, глумев по малку, а нешто работев во своја продукција. Често доаѓав и во Македонија за да црпам инспирација и мотив повеќе. И да се дружам со пријателите, со колегите. Завршив Факултет за Драмски уметности во класата на Љубиша Георгиевски, но патот ме одведе подалеку од родната грутка, но со парче од душата секогаш бев присутен во Македонија.