Во киното „Тушканац“ во Загреб од 4 до 9 октомври ќе биде прикажана ретроспектива на македонската кинематографија. Програмата под наслов „Панорама: Од ризницата на македонскиот филм“ ќе содржи играни филмови на Кирил Ценевски (Црно семе, 1971), Љубиша Георгиевски (Под исто небо, 1964; Цената на градот, 1970; Планината на гневот, 1968), Столе Попов (Црвениот коњ, 1981;Среќна Нова ’49, 1986), Димитрие Османли (Жед, 1971), Бранко Гапо (Време без војна, 1969), Бранко Бауер (Три Ани, 1959) и Живорад Жика Митровиќ (Мис Стон, 1958). Манифестацијата ќе биде отворена со филмот „Колнати сме, Ирина“ (Татко) од 1973 година, на македонскиот актер и режисер Никола Коле Ангеловски.

Иницијатори на ова претставување на македонската култура и кинематографија во Загреб и Хрватска се Сојузот на македонското национално малцинство на град Загреб и македонското културно друштво „Охридски бисер“, во партнерство со Н.У. Кинотека на Македонија и Вардар филм. Изборот на филмови го направи уредникот на филмската програма на киното „Тушканац“, Марко Ројниќ.

Гости на манифестацијата ќе бидат директорот на Н.У. Кинотека на Македонија, Владимир Ангелов, и директорот на Вардар филм-Македонија, Арсим Рамадани.