Сосема заслужена Награда за оригиналност на Канскиот фестивал

Пишува: Сунчица Уневска

Исландскиот филм „Јагне“ е, дефинитивно, еден од најнеобичните филмови во изминатата година. Навистина е потребна голема храброст за еден дебитант, како што е Валдимар Јохансон, да се нафати со толку специфична, контроверзна и чудна тема, а притоа да донесе толку суптилно направена драма, која од една страна вознемирува, но од друга страна, отвора бројни теми. Дури е збунувачки кога ќе видите со каква едноставност и „леснотија“ тој му приоѓа на овој надреален свет, за да ја покаже реалноста со целата нејзина сила. Бидејќи, „Јагне“ е филм кој со својата застрашувачка „нормалност“ влегува некако длабоко терајќи ве да размислувате и да ја барате суштината, на која тој воопшто не претендира, барем не нагласено.

Филмот во кој се испреплетува животот на луѓето и животните и не е некоја новина, особено во поглед на раскажувањето, особено во поглед на легендите и митовите, па дури и оние сказни што им ги читаме на децата, а кои се полни со такви метафори и пораки. Имено, додека го гледате овој необичен исландски филм некако тоа и се наметнува, си велите дека сигурно станува збор за некоја исландска бајка која зборува за семејството, за љубовта, за доброто и за лошото, за преминувањето на границите и казната која секако следува, ако не се почитуваат природните закони. Впрочем, децата на сето тоа гледаат низ игра, па дури и кога има страшни сцени, но тие само ја будат детската фантазија и, се разбира, секогаш завршуваат со порака која го носи праведниот свет, а последиците навидум и не се толку тешки, особено што злите луѓе во нив тоа и го заслужуваат.

Да, „Јагне“ би можел да влезе во некоја од тие категории, како една бајка но тогаш кога ќе се сфати како фантазија или уште подобро како фантазмагорија, меѓутоа ако во неа претендирате на животот, е тоа е веќе нешто друго. Мари и Игвар се една навидум сосем обична двојка која живее изолирано во прекрасните, но и диви исландски предели. Некако, сосема се вклопува таа суровост на природата со нивниот едноставен и тежок живот, во кој се разбира доминираат природните закони, бидејќи инаку и не би можеле да опстанете. Тоа нивно однесување лишено од емоции и било каква патетичност ви изгледа нормално и фантастично вклопено со тишината, со звуците на остриот ветер, со атмосферата на студенило и дистанцираност, која ја прифаќате сосем логично. Нивниот живот се сведува на борба со природата, иако низ малкуте дијалози, кога зборуваат за времето во нив го гледате задоволството и помиреноста со секојдневието, без оглед што невидливо и ненаметливо се провлекува тагата и посакувањето работите да бидат поинакви, или барем на моменти онакви какви што биле.

Меѓутоа, кога природата ќе си поигра со нив или тие со неа, и кога во нивниот дом ќе пристигне едно живо суштество, кое не е ни човек ни јагне, работите ќе попримат сосем поинаков тек. Од една страна, наеднаш ќе се променат боите, емоциите, надежта и копнежот, но од друга страна, токму во тие природни закони ќе ја видите и најголемата суровост испреплетена токму со љубовта, кога мајката без никакво двоумење ќе се обиде на секаков начин да се ослободи од вистинската мајка. Колку навистина нашата среќа или судбина мислиме дека нѝ припаѓа и дека имаме право на неа по секоја цена, па макар и да ги пореметиме природните закони. Не е важно дали тоа е во ред или не, барем не за оној кој конечно ќе успее да ја пронајде својата среќа или верува дека тоа е подарок на кој едноставно има право, не размислувајќи за повредата на другиот. Да, овде зборуваме за животните, но како поинаку да го поделите живиот свет, како поинаку, освен како што тоа го направиле старите или оние мудри наратори во приказните што се пренесуваат од колено на колено, или во приказните напишани во најубавите бајки.

Што впрочем значи убави? Дали во убавите бајки има само убавина или таа секогаш е проследена со злото и со суровоста, за на крајот да победи добрината или да сфатиме дека среќата доаѓа само ако сме чесни и правдољубиви кон сите живи суштества. Впрочем, не случајно тие прекрасни приказни како метафора секогаш ги земаат сите живи суштества на планетата, не случајно така е и со митовите и легендите, кои ги преминуваат границите на фантазијата верувајќи во надреалното, кое во суштина ја нуди реалноста во секој нејзин поглед. Дали навистина природата умее да се одмазди или таа само не предупредува на одмаздата која доаѓа по редот на работите, на онаа рамнотежа која не смее да се наруши, затоа што последиците се неминовни.

Интересно е колку овој дебитантски автор успева (па дури и без оглед на хорор-елементите и онаа премолчена закана постојано надвисната) извонредно да ја наслика целата оваа приказна за љубовта, за семејството, за припадноста, за опсесивноста, за потребата од среќа и исполнетост, без оглед на цената, извонредно е на кој начин ги менува боите, расположенијата и атмосферата, на кој начин со многу малку дијалог зборува низ кадарот. Мора да се каже дека во овие неверојатно сугестивни (и страшни) слики на моменти се препознава стилот на менторот на Јохансон, големиот унгарски автор Бела Тар, но има тука и друг момент, а тоа е умешноста на Јохансон во специјалните ефекти, што е негова специјалност.

Она што одушевува, всушност, е начинот на кој ги „сокрива“ тие ефекти, бидејќи тие не се онакви на кои сме навикнале, тоа се ефекти кои умеат неприметно да ви влезат во душата и да ја донесат онаа атмосфера на возбуда кога ќе го добиете толку посакуваното дете, но истовремено и онаа застрашувачка атмосфера што ја наметнува токму однесувањето на оние кои безрезервно љубат. На оние кои се подготвени на сè само за да го задржат тоа што мислат дека им припаѓа, онаа атмосфера кога чувствувате дека природата е само навидум питома, бидејќи исто како и оние кои ја бараат својата среќа, таа ја бара својата хармонија и рамнотежа.

Имено, како што велат поговорките, не можете да ја градите својата среќа на туѓата несреќа, без оглед на цената и без оглед на нарушувањето на хармонијата. Не можете да верувате дека имате право да бидете богови, тогаш кога вистински сакате и кога сте подготвени на секаква жртва. Впрочем, што е она што нѝ припаѓа и со кое право веруваме дека природата е тука за нас, а не ние за неа. Таа умее несебично да нѝ даде, но до каде е границата??

Начинот на кој авторот и приоѓа на оваа приказна е навистина фасцинантен. Во неа нема ништо агресивно, нема ништо „чудно“, нема никакви преглумувања или драми, туку необичното навидум станува толку обично. Оваа исландска двојка конечно го добива тоа по кое толку копнее, што сè станува нормално и возможно. Но, дали е така, дали нашата среќа и исполнетост е поважна од сè друго, па и од уривањето на природната рамнотежа која нѝ го овозможува животот. Така велат бајките, никогаш не можете да поминете неказнето. Впрочем така треба и да биде, иако во реалноста во која живееме тешко дека остана нешто од оној толку логичен и мудар детски свет, кој се чини сè повеќе го забораваме.

Но, бајките ги испишале токму луѓето со целата своја мудрост научена низ годините, па колку и да ја забораваме таа умее на најмалку очекуван начин да нè потсети на законите што така немилосрдно ги кршиме. На оние бајки кои сакаме да ги гледаме како нешто што е нереално и дел од некакви бапски приказни, кои само заплашуваат мали деца… Не, филмот на Јохансон си поигрува токму со тоа, односно нè тера да се запрашаме во кој правец оди поигрувањето, каде е реалноста, а каде сказновидноста, каде е одговорноста, а каде емпатијата, каде е праведноста на овој свет, ако упорно сакаме да веруваме дека ние сме тие што неа имаме право да ја испишуваме онака како што нам нѝ одговара. Сепак, се чини, природата секогаш доаѓа по своето. Имено, играта продолжува, колку во сите тие мудрости се испишани животните вистини, а уште повеќе колку тие мудрости навистина можат од надреалниот да дојдат во реалниот свет. Ако судиме според новиот почеток на оваа исландска двојка, кој колку што е надреален толку е и нормален, тогаш изгледа дека границите меѓу нормалното и реалното одамна се изместени.