Валентина Ѓоргиевска Парго
“Полна со магија” е новата песна со потпис на познатиот рокер  Ристо Апостолов, во изведба на неговата група “Водолија”, пријатно изненадување периодов.

*Снимивте, интересна, допадлива, и сосема во ваш стил. 

-Да тоа е новата песна која неодамна ја презентиравме на публиката, но сега засега без видео запис. 

*Опишувате девојка со цврст карактер, ранлива душа и тајна болка, ја поврзувате со Месечината. Инспирацијата мора да била силна. 

-Првата реченица на текстот е – Како месечина, полна со магија. Тоа е симболика, бидејќи според  некои толкувања симболички месечината е таа која го прикажува сето она емоционално што го сокриваме во себе. Инспирацијата доаѓа потсвесно, едноставно имаше нешто во мене внатрешно што ме водеше да напишам таков текст. Првобитната верзија беше во електронски аранжман, но со оглед на тоа дека свириме гитарска музика подоцна песната ја преаранжирав со живи инструменти за да биде идентична кога би ја свиреле и во живо.

*Но, исто така, би било интересно да ја слушнеме и во електронскиот аранжман. Ќе следува ли спот, претходните Ваши песни имаа добри и забележливи видео изданија. Оваа е многу убава рок тема, заслужува, сега барем е лесно со камерите на мобилните. А тој, видео занает, го владеете. 

-Песната беше снимена јануари- февруари оваа година и во план беше да се сними видео запис. Во тој период на располагање ни беше опрема за реализација на спотот, но не фати корона кризата па го одложивме снимањето. Сум монтирал и снимал спотови, но сепак треба соодветна опрема. Мислам дека мобилен телефон не е соодветен за квалитетен спот. Потребни се квалитетни објективи, а и не само тоа, тука се и светла, локација, сценографија. Доколку успеам да го обезбедам сето тоа песната ќе добие видео запис. Во спротивно ќе си остане само како аудио сингл. Мобилниот телефон е корисен за новинари за брзи репортажи и слично, но не и за издржан видео спот. Да не објаснувам од технички аспект зошто и како.

*Групата “Водолија” има еден спонтан ритам на работа, песни објавувате можеби еднаш годишно, една до две.

-Да спонтан сум во работата. Од една страна сум темелен во работата, а и премногу форсирање на синглови би можело да предизвика и презаситеност кај публиката. Но мислам дека таа сакана или несакана спонтаност се должи и на состојбата во која се наоѓа домашната музичка сцена. Но, имало периоди кога годишно сме објавувале и по три сингла па и цел албум. Како и да е, корисно е да подразмислам малку околу ова прашање.

*”Се што е свето” е третиот, цеде албум од “Водолија” 2009/2010, по двата објавени на касета “Љубов или страсти” – 1996 и “Хазард” – 1997.  Некако не ми е логично да прашам дали во ова време подготвувате албум, од причина што се е на статус кво, но сосема е професионално да прашам што подготвувате со новиот, насобран материјал, последниве години? Гледам имате доста музички проби со бендот. 
-Има многу инспирација во мене да содадам нови композиции. Тоа и го правам, но во вид на демо снимки. Би сакал нов албум но не зависи само од мене, секогаш има и други икс фактори.

*Она што е доста неодгатнато, и чинам голем дел од публиката го знае, е дека постоите уште од деведесеттите години, и досега се собраа добри триесеттина години, ама ретко зборувате за почетоците, за тој почетнички дел. Ретко, и многу малку. Како го дефинирате тој период? 
-Не зборувам бидејќи се фокусирам на тоа што го работам сега, гледам напред. Но во тој период имавме доста настапи и убаво се чуствувам кога ќе се присетам на некои настани поврзани со музиката од тоа веме. А и тој период се издадени и првите два албуми на “Водолија” .

*За три децении на сцена не забележав да се врзете за некоја продукција, или да настапите на некој од нашите позначајни  фестивали. Од ваш агол, ви недостига ли самоиницијативност и самоорганизација, за концерт каков што очекуваат вашите фанови? 

-Сме имале свои солистички концерти кој биле посетени, а и настапи на настани каде настапувале повеќе групи и можам да кажам дека тие ми биле како ветер во грб за да продолжам со музиката и ако последните години многу повеќе работам студиски. Моментално вежбаме но со малку поинакви аранжмани на песните бидејки во формација сме тројка и ги адаптираме за три инструменти. Дали ќе се случи нешто не можам да кажам. Но размислувам позитивно.
*”Водолија” во три децении, промени доста членови. Вие сте стандарден, впрочем и како основач и прв човек на бендот. Имам впечаток како да ви се погоди се со оваа постава. Што работите во моментов? 
-Првата постава е од средношколските денови. Покрај мене беа и Горан Јанакиев на тапани кој беше иницијатор да го оформиме бендот а и го даде името, Боби Темелковски- бас, Оливер Јанкуловски, клавијатури. Во втората постава нормално покрај мене беа, Васко Марковски- бас и Круме Стефановски – тапани. Во друг период дел од групата беа и Дејан Илиќ и Никола- Ниџо.  Во еден период на неколку живи настапи на бас свиеше и Кокан Пандиловски од легендарната група “Конкорд” познати по хитот од 80ти “Високи штикли” . Исто така и Дејан Николов има гостувано како испомош на настап во живо,како и Мики Костадиновски на тапани. Ќе го споменам и Сашо Јаневски кој еден период беше дел од групата, а и Слободан Стаменковиќ кој не подржа на некој настапи. А сега сме во стандардна формација, јас, Весела Христовска на тапани и Бојан Митановски гитара.
*И покрај постоењето во андерграунд сцената во деведесеттите, и покрај претставувањето во таа некоја наша популарна естрада, преку настапите за домашниот избор за Евровизија, и покрај турбулентноста на се што се случува на “пазарот на музиката”, може да ви се честита за автохтоноста и верната приврзаност на сопствен изграден и препознатлив личен стил. Каква трага, на подолга линија, сакате да оставате токму со тој музички имиџ?
-Ви благодарам што ја почитувате автохтоноста на препознатливиот звук на бендот. Но музичкиот имиџ не го креирам свесно, тој доаѓа од внатре. Едноставно сакам да сум искрен пред публиката и да бидам тоа јас. Можеби во иднина звукот ке се менува како што се менувал од постоењето на бендот па до сега, но во принцип основата е таа. Ако ги анализирам снимените песни од постоењето на групата до сега забележувам разлики кој се должат на напредокот на техниката на снимање и продуцирање а и влијанијата на времето.