Од нашиот известувач од Берлин, Сунчица Уневска

Берлинскиот филмски фестивал, како впрочем и Сараевскиот и Солунскиот, па и доделувањето на „Златните глобуси“ е во знакот на Доналд Трамп и на сите небулози кои за толку кратко време ги изјави, а на кои познатите филмски уметници, особено американските, не можат а да не реагираат.

Така стартуваше и годинешното 67. Берлинале, на кое главна тема беше прашањето, дали големите политички системи пропаднаа, а на власт се повеќе доаѓаат популистите. Атмосферата уште повеќе ја вжешти холивудскиот актер Ричард Гир, дојден на самиот почеток на фестивалот со филмот „Вечера“ на Орен Моверман, кој е вклучен во главната програма, а каде што тој по играта на случајот игра конгресмен. Филмот е доста слаб, но она што беше најинтересно и најпровокативно беа токму изјавите на Ричард Гир на прес-конференцијата, на која повеќе се зборуваше за моментната ситуација во Америка и погрешните изјави на Трамп отколку за самиот филм.

Познатиот актер жестоко го осуди Доналд Трамп за неговата политика кон бегалците. Тој рече дека претседателот Трамп шири страв изедначувајќи многу подло два збора: бегалци и терористи. Гир нагласуваше дека тоа е неговото најголемо злосторство, да ги споредува овие два збора, да ги става во ист кош. „Бегалците се оние кои бараат засолниште, тоа е некој на кого му треба нашата помош, а не омраза. Бројот на злосторства од омраза во Америка енормно се искачи откако Трамп се канидира за претседател. Тоа се лидери чија цел е да шират страв“, зборуваше Ричард Гир. Додека, неговиот брат во филмот, кого го игра Стив Куган, прашан за неговата улога на психички нестабилен човек, рече да, неговиот карактер има ментална болест, но споредено со претседателот на Америка тоа личи на слаба главоболка. А ова не потсетува на изјавите на Роберт де Ниро во Сараево, кога го спореди Трамп со неговиот лик на таксистот Тревис Бикл во култниот филм на Скорсезе „Таксист“, велејќи дека исто како него и Трамп е во погрешно време и на погрешно место.

Сепак, Берлин не би бил Берлин кога не би умеел да го потенцира тоа што го рече германската државна секретарка за култура, Моника Груетерс, дека Берлинале е фестивал на уметничките слободи и дека тоа ништо не може да го измени. А годинава во Берлин одлични филмови, и тоа не само во главната програма, туку и во програмите „Панорама“ и „Форум“. За само четири дена од шест прикажани филмови во главната програма доста добри критики добија дури четири од нив, и тоа: унгарскиот „Тело и душа“ на режисерката Илдико Ениеди, потоа „Фелисити“ на Алан Гомес од Сенегал, па „Покот“ („Трага на животно“) на Агњешка Холанд од Полска и „Фантастична жена“ на Себастијан Лелио од Чиле, кој води на листата на критичарите во списанието „Скрин интернешенел“.

„Тело и душа“ е една потполно необична љубовна приказна, навидум за луѓето кои се на маргините, а всушност низ своите фиктивни хоризонти тие ја носат топлината и романтиката на еден толку неочекуван начин. Како да се поминат нашите лични бариери, низ редица спротивни, откачени сцени Ениеди прави вистинска посвета на љубовта, без ни ронка патетика, напротив. „Фелисити“ е приказна за борбата на една самохрана мајка, сместена на еден чуден начин меѓу традицијата и модерното. „Покот“, пак, е криминален филм во кој Холанд само на неа својствен начин умее да си поигра со природата и изместениот тек на нештата. Додека „Фантастична жена“ е неверојатен портрет на жената која Film Insyriatedго променила полот, но и на општеството, како и на семејството токму тогаш кога се соочуваме со секојдневието, со оној живот на кој сите имаме право.

Овде би издвоила само уште еден филм, прикажан во програмата „Панорама“, но филм кој ве остава без здив и кој слободно би го прогласила за најдоброто што досега го видовме на фестивалот. „Insyriated“ на Филип ван Леув е приказна за трагедијата на народот, кој мора да се крие дома жртвувајќи ги „помалите“ жртви за да ги спаси „поголемите“. Тоа е неверојатен филм за едно поголемо семејство затворено во својот дом во Дамаск, додека од сите страни се пука и кога во военото лудило секој може да ви влезе дома и да ве нападне. Мртви, силувани, повредени, човекот се чини може да поднесе се само за да ги спаси другите, за да го задржи она што може од семејството, за да ја оправда загубата со поголемата загуба. Но, што е најстрашно, тоа е вистинската реалност, груба, тешка, нечовечна, но единствено можна кога се обидувате да ги спасите своите деца. Извонредни улоги предводени од либанската фасцинантна актерка Хиам Абаз, силни, болни до коска, неиздржиливи. Тоа е филм за животот и за преживувањето кој ве води онаму каде што не можете ни да замислите. Затоа и се извонредни фестивалите, бидејќи умеат да ги откријат нештата и да ве однесат таму каде што најмалку очекувате, покажувајќи и носејќи го искуството кое може да биде ноќен кошмар, но кое некаде навистина постои.