Концерт на „Архангел“ фото: Соња Ставрова
Валентина Ѓоргиевска Парго
Во сосема чудесна и чудна атмосфера, под мотото “30 години љубов” во салата “Борис Трајковски” на 11 Октомври 2020 се одржа концертот на рок филозофот Ристо Вртев, алијас, на неговата уметничка алтернација “Архангел”. Концерт, кој го означи почетокот на годинешното, 22. издание, на музичката манифестација “Таксират”. Стотици посетители, разместени на две метри телесна (оттука и социјална) дистанца, со маски, со строг протокол, без комуникација.
“Купен мир и тишина пострашни од војна, мејби”, како во стихот на најдобриот музички филозоф што го изнедрило ова поднебје, беше реална слика со која се соочивме, бидувајќи присутни на концерт каков што досега не се случил. Чуден и чудесен!
Интимната атмосфера, некарактеристична за оваа сала, од друга страна ја донесе најпрочистената публика, онаа која до атом го живее и доживува концептот на Ристо Вртев. Човекот кој уште со самото појавување на сцена се обиде со зборови да ја искине невидливата завеса што пред очи ни ја спушта реалноста и конкретно да порача на љубителите на уметноста, да бидеме внимателни да ги почитуваме мерките за протокол, за да не се случи да сосема ни ги забранат концертите и уметноста. Зошто, уметноста не се става во чинија, но ја храни душата, и нашата насушна потреба за неа , беа негови зборови.
Архангел на „Таксират 2020“ фото: Соња Ставрова

Почна тивко со пијано изведба на инструментална тема, и со која друга ако не, “Милион долари”. Лирско струење од сам старт.  Рок филозофозот, кој не се согласува да го именуваат со поимот култен, уште еднаш потврди дека култен е нешто што се создава (од страна на луѓето, ) а совршено реална филозофија како неговата сама по себе достигнала возвишение, и “култ” би било само непотребна лепенка. Возвишеност, рамна како кај самите архангели. Дело кое никогаш, ни за момент не е оспорувано од критиката ни од публиката. Авангардно и пред времето, а вон временско и безвременско.

Искрени и полни со интерпретација на животот и на чувствата, на потребата од постоење и од човечко делување , уште еднаш прозвучија – “Милион долари”, “Пинокио”, “Заумна сила” , “Небесна машина”, “Сениште”, “Молк” , речиси сите теми од сите четири албуми -„Архангел 1“ (1991), „Архангел 2“ (1993), „Heart Core“ (1998) и „Небесна машина“ (2003) Безмалку два часа. Нијансата која посебно ја обои ноќта, беше џезерската димензија на рок музиката, а дел од песните комплетно преработени во нови аранжерско џезерски варијанти, впрочем и придружната екипа беше составена од џезери Гоце Стевковски – тапани, Дарко Мучев – бас, Предраг Икономовски – гитара, Трајче Велков – труба, Кире Кузманов – саксофон и флејта, Сашко Николовски – тромбон и синтисајзер и Емин Џијан – пијано.
Рок филозофија и рок џез. Доминантни.
Концерт на Архангел на „Таксират 2020“ фото: Соња Ставрова

Сево ова од една страна може да се  протолкува како привилегија присуството на ваков концерт на “Архангел” , со само стотици гости, од друга страна чудно е да се пее преку маски, сосема тивко, речиси нечујно.

Некаде пред самиот крај тивката атмосфера во публика ја наруши извик од посетител- “Рубин кармин”! Да, “Архангел” ја изведоа и таа тема. “Хард кор”, попозната како “Убер Мацедонише”, остана за крај да ги разгори страстите, ја стана публиката простум, но редарите построги од било кога, веднаш ги седнуваа луѓето.

Чудесен концерт заврши со “Чудесен свет” (преработката), тивко како што почна. Ќе остане сеќавањето на една филозофска вечер под светлата и фантастично разиграно пригушено лајт шоуто, добриот звук, и за жал малите децибели од публиката, која ова ќе го понесе во својата чинија со која се храни својот уметнички глад, потреба и  суштина.

Онаа публика на која свет ритуал и е песните на суверениот рок владетел, Вртев, концертно да ги слуша барем еднаш на неколку години, и независно во каква ситуација и да било.