Фото: YOUTUBE/NEWS.COM.AU

Еден од најважните бродови на руската морнарица моментално е напуштен, а медиумите јавуваат дека не е јасно дали плови без екипаж, или потонал. Станува збор за воениот брод „Москва“, предводник на Црноморската флота на руската армија, а наводно избувнал пожар на него, иако околностите не се прецизирани. Бродот „Москва“ бил вооружен со наведувани ракети, а руското Министерство за одбрана потврдило дека војниците се евакуирале од него.

„Бродот е сериозно оштетен и во тек е истрага за пожарот кој избувнал“, кратко соопшти Министерството.

Наводно, пожарот што избувнал во „Москва“ запалил и активирал дел од муницијата, а не се знае дали има жртви во инцидентот.

Украинската страна тврди дека „Москва“ била погодена од проектили истрелани од таа земја, но Си-Ен-Ен јавува дека тоа не е можно да се потврди поради невремето и густите облаци над Црното Море. Засега не се знае точно каде се наоѓа „Москва“.

Аналитичарите истакуваат дека поголем удар од овој за руската армија би била загубата на носачот на авиони „Кузнецов“ или подморница со балистичка ракета.