Еден од седум доброволци кои ја примиле руската вакцина против корона вирусот имало несакани ефекти, објави Министерството за здравство на Русија.

Од над 300 доброволци кои учествуваат во трифазното испитување на вакцините, 14 проценти се пожалиле на здравствени проблеми по приемот на вакцината Спутник В.

Меѓу симптомите што ги доживеале откако им била инјектирана руската вакцина против корона, биле болки во мускулите, исцрпеност и висока температура.

„Ова се очекувани несакани ефекти и обично исчезнуваат за еден ден, најмногу за еден и пол ден“, рече министерот за здравство Микаил Мурашко.

„Спутник В“ е првата вакцина во светот против корона вирусот и беше претставена на 11 август.

Русија објави дека ќе покани доброволци да ја примат оваа вакцина, а првите ја примија минатата недела, пренесува „Русија денес“ (Russia today).

На доброволците им е овозможено да инсталираат апликација преку која ќе пријават здравствени проблеми по приемот на вакцината.

Голема прашина се крена поради руската вакцина, а многумина го критикуваа фактот дека се применуваше пред очекуваниот и вообичаен тек на тестирање за безбедност и ефикасност. И покрај овие критики, влијателните медицински списанија објавија студии кои покажуваат дека таа е 100% ефикасна и дека сите 76 учесници на првото тестирање развиле антитела против короната. А.Н.