До крајот на неделава руската вакцина против коронавирус „Спутник V“ ќе биде одобрена во 25 земји.

„До крајот на следната недела очекуваме 25 земји да ја одобрат нашата вакцина“, рече шефот на Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), Кирил Дмитриев на ТВ-каналот „Русија-1“ во неделата.

Лекот е веќе одобрен во дваесетина земји, а Мјанмар стана 21-та земја во која е одобрена употреба на лекот, пренесува „Газета.ру“.

Во февруари, резултатите од третата фаза на клинички испитувања на вакцината против коронавирус „Спутник V“ беа објавени во медицинското списание „Лансет“. Ефективноста беше 91,6% по анализата на податоците од 19.866 волонтери. Во исто време, индикаторот меѓу групата волонтери постари од 60 години беше 91,8%, пренесува „Дневник.хр“.

За потсетување, „АстраЗенека“ во декември објави дека ќе започне клинички испитувања за да се тестира комбинација на двете вакцини за да се утврди дали тоа може да ја зголеми ефикасноста на британската вакцина. Русија е подготвена да понуди соработка на секој производител што има вакцина со ефикасност помала од 90%, изјави за Ројтерс Кирил Дмитриев, шеф на Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ). Податоците од неодамнешната фаза на испитување покажаа дека ефективноста на британската вакцина од „АстраЗенека“  е околу 70%.

Испитувања ќе се одржат и во Аргентина, Саудиска Арабија, ОАЕ, Белорусија, Русија и Украина. Учесниците прво ќе добијат вакцина од „АстраЗенека“, а 29 дена подоцна доза „Спутник V“. Првите резултати се очекуваат во март, потврди Дмитријев. А.Н.