Руски новинари, вработени во два државни медиуми, се меѓу првите на кои им е понудена новата вакцина против корона вирус „Спутник В“, надвор од рамките на клиничкото испитување, објави руската агенција РИА и уште четворица вработени во тие медиуми.

Двајца новинари од агенцијата РИА и двајца од компанијата ВГТРК, која ги вклучува телевизиите Русија-1 и Русија-24, за Ројтерс изјавија дека им било понудено да се вакцинираат против коронавирусот, на доброволна основа.

Еден од новинарите на РИА рече дека неговиот впечаток е дека повеќето негови колеги ја одбиле понудата.

Исто така, еден од новинарите на ВГТРК тврди дека повеќето негови колеги одбиле.

Агенцијата РИА потврди дека ќе се спроведе програма за вакцинација.

„На вработените кои работат постојано од канцеларијата (а не од дома), кои одат на настани, кои се на терен, им дадовме можност да ја примат вакцината Спутник В“, се вели во соопштението на агенцијата.

РИА не прецизираше колку вработени примиле вакцина, додека ВГТРК не одговори на барањето на Ројтерс за коментар.  Двете компании вработуваат стотици луѓе.

Руската влада минатиот месец објави список на работни места со висок ризик, во кој има здравствени работници, новинари и наставници.

Русија стана првата земја во светот што регистрираше вакцина „Спутник В“ против корона вирусот, на 11 август. Вакцината е развиена од Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија на руското Министерство за здравство „Гамалеја“ и помина клинички испитувања во јуни и јули. А.Р.