САД во четвртокот го извести УНЕСКО дека истапуваат од нејзиното членство, обвинувајќи ја за „антиизраелско дејствување“. Само колку за потсетување, Вашингтон уште на почетокот на јули ја најави намерата да го преиспита својот однос кон УНЕСКО по одлуката на ова тело стариот јудејски град Хеброн, на Западниот брег, да го прогласи за палестинско културно наследство на листата на светското наследство.

Само еден ден по одлуката на САД израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху откако ја поздрави американската одлука и  ја нарече -„храбра и етична“,  му наложил на министерството за надворешни работи на Израел да започне подготовки за напуштање на УНЕСКО и на неговата земја.

Проблемите со УНЕСКО започнаа кон крајот на ноември 2016 година кога Комисијата на оваа агенција на ОН донесе резолуција во којашто изразува жалење поради „нелегалните ископувања“ од страна на Израел во старото градско јадро на Ерусалим, споменувајќи го Платото на џамијата наместо еврејскиот назив Ридот на храмот. Таа резолуција дојде осум дена по резолуцијата на Извршниот совет на УНЕСКО, агенција за културата и светското човештво при Обединетите нации, на истата тема која предизвика жестока реакција од Израел.

Комисијата за културното наследство, во којашто влегуваат 21 земја членка, со консензус пред една година го донесе споменатиот текст на предлог на Кувајт, Либан и Тунис, во кој се изразува жалење поради „штетите“ и „незаконските ископувања“ на Израел во старото градско јадро на Ерусалим и се бара од оваа земја да го почитува статус-квото на светите места.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху тогаш по одлуката на УНЕСКО оцени во соопштение дека резолуцијата на комисијата е „продолжување на театарот на апсурдот“. „Екстремистичките исламистички сили уништуваат џамии, цркви и археолошки наоѓалишта, а Израел е единствената земја во регионот којашто ги чува и осигурува верските слободи за сите религии. Треба да се осуди Комисијата за културно наследство на УНЕСКО, а не Израел“, вели Нетанјаху.

Извршниот совет на УНЕСКО на 18-ти октомври 2016 година донесе резолуција за источен Ерусалим (палестинскиот дел од Светиот град), поради заштита на палестинското културно наследство во која се негира илјадагодишната поврзаност на Евреите и овој град. Израел веднаш ја прекина соработката со оваа организација.