Foto: Depositphotos

Весникот „Ла република“ пишува за нова туристичка понуда за богатите која во „пакетот“ опфаќа и анти-ковид вакцинација. Според весникот, на клиентите им се нуди лет со приватен авион, вакцинација, тринеделен одмор во луксузни хотели или вили во Индија, Дубаи или Флорида, потоа втора доза на вакцина и потоа да се вратат дома.

Засега вакви супер луксузни туристички аранжмани нуди англиската агенција „Најтбриџ“, а според пишувањето, цената на понудата е околу 45.000 евра.

Агенцијата го нуди пакетот само за своите членови, кои плаќаат годишна членарина од 28.000 евра, а засега, вакцина туризмот е резервиран само за членови постари од 65 години.

Новинарите ја контактирале агенцијата за да откријат како е можно луѓето да се вакцинираат приватно во земјите на дестинација каде постојат правила лекот да го добиваат само граѓаните и оние кои имаат престој и како е можно приватно да се вакцинираат доколку лекот не е достапен за државни нарачки.

Туристичката агенција одбила да даде одговор. Весникот потсетува дека уште во декември, производителот на вакцината „Фајзер“ потврди дека размислува да го продава лекот на приватни лица. А.Р.