Поранешниот хрватски премиер Иво Санадер на 15 февруари повторно седнува на обвинителна клупа, поради малку заборавениот случај на земање на сомнителни 3,5 милиони куни (470.000 евра) провизија од „Хипо банка“ во 1994 година.

Случајот е покренат повторно, бидејќи Хрватскиот Уставен суд во јуни 2015 година ја поништи тогаш правосилната пресуда во која Санадер поради оваа афера, и примање десет милиони евра мито во случајот „ИНА-МОЛ“ беше осуден на осум и пол години.

Само за примањето провизија од „Хипо банка“, првично во ноември 2012 година беше осуден на три и пол години затвор за во јуни 2014 година хрватскиот Врховен суд да ја намали казната на три години. Тој беше прогласен за виновен за воено профитирање.

Меѓутоа, со одлуката на Уставниот суд, пресудата беше укината и случајот беше вратен за повторно одлучување. Така сега повторно ќе се расправа дали Санадер од 1994 година до 11 март 1995 година, за време на воена состојба договарал високи каматни стапки на кредити во земјата, која тешко наоѓаше банки кај кои би се задолжила.

Според обвинението, Санадер како помошник министер за надворешни работи и како преговарач со „Хипо банка“ за условите на кредитот за купување на згради на амбасади ја искористил оваа тешка ситуација во земјата, која беше во војна и за себе барал провизија. Постои сомневање дека во текот на преговорите за условите, со кои „Хипо банка“ одобрила кредит од 140 милиони тогашни австриски шилинзи, ја искористил неговата улога на преговарач и добил провизија која изнесувала пет отсто од одобрениот кредит. Се работело за околу седум милиони тогашни шилинзи, пишува „Danas.hr“.