четврток, април 25, 2024
домаНасловнаСараевскиот фестивал имаше 130 илјади гледачи

Сараевскиот фестивал имаше 130 илјади гледачи

„Без оглед на сè бевме заедно, струката во овој момент треба да е заедно повеќе од било кога,“, рече Пуриватра. А доказ за тоа се над 1.500 гости и претставени нови педесетина филмски проекти

Пишува: Сунчица Уневска

„Испративме јасна порака: Културата не е луксуз, туку потреба, која за промоцијата на земјата прави повеќе од десетина милиони други вложувања“, истакна директорот на Сараевскиот филмски фестивал, Мирсад Пуриватра. Фестивалот се одржа онлајн, па сепак имаше 1.536 гости од 47 земји и преку 130.000 гледачи од цел свет.

„Без оглед на сè, бевме заедно. Струката во овој момент треба да е заедно повеќе од било кога. Фестивалот без публика не може да преживее долго време и јас верувам дека публиката ќе се врати во киносалите. Едноставно, филмот е уметност на која природно и припаѓа да се гледа со публика, заради заедничкото доживување, а уште повеќе заради разговорите и дружењето после тоа“, објаснува Пуриватра, додавајќи дека годинава фестивалот имаше 320 претставници на медиуми, а на индустриската платформа Синелинк беа претставени дури педесетина нови филмски проекти. Она што е неверојатно, е дека организаторите работеа како да нема ништо, со полна пареа, остварувајќи 13 панел дискусии и подготвувајќи девет

И покрај сè, беа издадени дури девет фестивалски билтени

фестивалски билтени со сите можни податоци и интервјуа со авторите.
Општиот впечаток беше дека, и покрај сè, ова беше успешен фестивал, или како што вели Бјанка Лукас, селекторката на европските кратки филмови, филмот не умира, напротив, ќе не надживее сите. Таа нагласуваше дека младите денеска се подготвени да го разбијат калапот повеќе од било кога. „Светот се менува, луѓето се збунети, копнеат за поврзување“, зборуваше оваа млада девојка за впечатокот и искуството од многуте кратки филмови кои беа пријавени и прикажани на фестивалот.

Данскиот филм „Дива земја“, една тотално откачена семејна приказна, која дојде директно од Берлин

Интересно е дека, иако онлајн, на фестивалот беа прикажани 187 филма, а од нив 64 имаа светски премиери, што ја покажува релевнтноста на фестивалот. Така, освен „Егзил“ на Висар Морина, кој дојде директно од Берлин, на Сараевскиот фестивал можеа да се видат и: „Татко“ на Срдан Голубовиќ, кој ја доби Наградата на публиката во програмата „Панорама“ во Берлин, потоа оскаровецот Роберто Бенињи во улогата на Џепето во големата атракција „Пинокио“ ви режија на Матео Гароне („Гомора“), кој беше номиниран за „Златен глобус“, па данскиот филм „Дива земја“, една многу откачена семејна приказна во која главна улога игра познатата премиерка од многу гледаната телевизиска серија, Сидсе Бабет Кнудсен, како и играно-документарната потресна сторија „Дневникот на Дијана Будисављевиќ“, па сè до филмовите за Лиам Галагер и за Марина Абрамовиќ.

Веќе пишувавме за тоа колку силна беше годинава документарната програма во рамките на која беше одржан и панелот со наслов „Дали документарниот филм може да го промени светот?“. Токму тука зборувавме за филмовите кои на многу силен начин се осврнаа на темата за сексуално злоставување, како „Враќање во Епипо“ и „Една од нас“, но во рамките на оваа програма се одржа и уште една панел дискусија за Денот на човечките права. Она што го одбележа овој панел беше чешкиот

Чешкиот филм „Фатени во мрежа“ прикажува едно од најодвратните злосторства во модерната глобална цивилизација

филм „Фатени во мрежа“ на Вито Клусак и Барбара Чалупова, кои прикажуваат три 12-годишни девојки што преку чет на интернет за само десет дена контактирале 2.500 мажи, на возраст на која би можеле да им бидат татко или дедо. Како што беше нагласено, станува збор за таква злоупотреба, за едно од најодвратните злосторства во модерната глобална цивилизација, што покажува дека секојдневно овие предатори на нишан ги имаат оние најранливите, нашите деца.

Селекторката на документарните филмови Рада Шешиќ рече како низ повеќето одбрани филмови оваа година сфаќаме дека колку повеќе и колку попродлабочено се занимаваме со личните искуства, толку сè повеќе се приближуваме кон универзалните вистини. На прашањето за тоа колку целата оваа состојба е присутна во филмовите, таа вели дека тоа допрва ќе се одрази во продукцијата во следните две години, па сепак, темите на добар дел од филмовите што ги видовме годинава се поклопуваат со искуствата што ги имаме во ова време на пандемија, а тоа е изолираноста, работата од дома, менталната насоченост кон себе и кон својата интима, како и сè поприсутното размислување за смислата на животот… Да, се чини генерално ни требаат сè повеќе светови во кои работите имаат смисла.

Годинава фестивалот го одбележаа и пет мастеркласи на кои зборуваа: режисерот од Камбоџа, Рити Пан, едно неверојатно и дефинитивно поинакво искуство, потоа францускиот режисер Мишел Хазанавициус, кој беше претседател на жирито, француската актерка Беренис Бежо, данскиот актер Медс Микелсен, кој го доби почесното „Срце на Сараево“ и во чија чест беше прикажан одличниот филм „Лов“ на Томас Винетрберг и мексиканскиот автор Мишел Франко, кој доби почесно „Срце на Сараево“, но беше и гостин на програмата „Посветено“, во чии рамки беа прикажани шест негови филма. Да потсетиме дека Мишел Франко е еден од најзначајните независни филмски автори на денешнината, чии филмови редовно добиваат награди на Канскиот филмски фестивал.

Мишел Франко со Тим Рот во Кан. На мастеркласата им порача на младите, да земат камера и да снимаат и да не читаат теорија на филм

Интересно е дека кога во 2012 во Кан бил прикажан неговиот филм „По Луција“, кој доби награда во програмата „Извесен поглед“, му се јавил британскиот актер Тим Рот и самиот се препорачал. Се разбира Франко го ангажирал во следниот филм „Хронично“ од 2015, кој во Кан ја доби наградата за најдобро сценарио. Тој зборуваше дека Тим Рот е неверојатен професионалец и дека за да се подготви за оваа улога, во која игра медицински брат кој се грижи за смртно болните пациенти, поминал четири месеци во болница работејќи како негувател. „Сакам да зборувам за работи за кои не знам доволно, така што процесот на снимање на филмот е и процес на учење, иако на крајот се случува да знам уште помалку за таа работа отколку на почетокот“, вели Мишел Франко. На прашањето што би им препорачал на младите, тој вели да земат камера и да снимаат. Да читаат, но не теорија на филм, туку интервјуа и книги на филмски автори. А особено да не се држат до клишеата, да бидат креативни и секогаш да бараат нови правци.

Екипата на фестивалот на проекцијата на отворено на „Концентрирај се, бабо“, со што и се затвори фестивалот

Фестивалот, кој тареше осум дена, оваа година се одржа од 14 до 21 август и тоа на платформите: ondemand.sff.ba, cinelinkindustrydays.com i talentssarajevo.com, па сепак успеа да направи и нови рекорди. Како што веќе објавивме, филмот на отворањето, „Концентрирај се, бабо“ на Пјер Жалица, за само два часа го видоа 14.000 гледачи од 42 земји. Со овој филм и заврши фестивалот, само овој пат во летното кино „Раифајзен“, каде што се прикажа само за екипата и партнерите на фестивалот, кои го проследија според сите епидемиолошки мерки, со максимален број на сто гледачи. Но, преку своите платформи фестивалот беше достапен за гледачите во регионот и во светот и донесе навистина многу интересни филмови, гости и разговори. Она што е најважно, како што рече Пуриватра, е дека бевме заедно, и покрај сè, и дека фестивалот го одбележа борба, која што ни е потребна сега повеќе од било кога.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ