четврток, април 25, 2024
домаСараевскиот фестивал отворен во полн сјај

Сараевскиот фестивал отворен во полн сјај

Македонија се бори за „Срцето на Сараево“ со филмовите на Тамара Котевска и Марија Апчевска, во Програмата на кратки филмови

Сунчица Уневска

Прексиноќа во буквално гламурозна атмосфера се отвори 27. Филмски фестивал во Сараево, кој на црвениот килим пред Народно позориште ја собра филмската елита од регионот, но и многу познати претставници на јавниот живот. Со други зборови, Сараевскиот фестивал кој, дефинитивно, стана бренд, беше отворен во полн сјај, со програма од 250 филма и над 1.000 гости. Овој фестивал, кој секоја година се проширува, ги надмина сите фестивали во поширокиот регион и сè повеќе станува најголем фестивал од овој дел на светот во Југоисточна Европа. Инаку, иако главната манифестација беше во Народно позориште, сепак, во исто време фестивалот започна на огромен број локации, бидејќи поради намалениот капацитет на кината, локациите беа зголемени, а освен во Сараево, истовремено програмата се одржува и во Мостар. Каков што беше заклучокот на многумина, после целата состојба со пандемијата на Ковид-19, ваквото отворање на фестивалот и сето она што е подготвено за ова издание, значат враќање на фестивалот во градот. А, за тоа чувство, сведочат токму граѓаните од Сараево, кој во огромен број беа насобрани околу црвениот килим пред Народно пзориште, носејќи атмосфера како да сте во Кан или на кој било друг голем фестивал, каде што луѓето се собираат наоколу и ги очекуваат големите ѕвезди.

Режисерот на новиот германски филм, легендарниот Вим Вендерс, го доби „Срцето на Сараево“

А, секако имаше и ѕвезди, како регионални, така и светски, особено што веќе на отворањето пристигна најголемата ѕвезда на годинешниот фестивал, Вим Вендерс, како што велат од фестивалот „централна личност на светската кинематографија“, инаку познат за пошироката публика како пионер на новиот германски филм во 1970-тите години. На Вим Вендерс веќе првата вечер му беше врачено „Срцето на Сараево“ за неговиот исклучителен придонес кон светскиот филм, а во текот на целиот фестивал ќе му биде направена ретроспектива, а предвидена е и негова мастеркласа и прашања и одговори со публиката по проекцијата на некои од неговите филмови. Инаку, на отворањето можеа да се видат и: Јасмила Жбаниќ, Борис Исаковиќ, Тарик Филиповиќ, Бранко Ѓуриќ, Горан Навоец, тотално откачениот Божо Вречо, Изудин Бајровиќ, а секако и Данис Тановиќ и целата екипа на филмот на отворањето, како и актерката од „Каде одиш, Аида?“, Јасна Ѓуричиќ, која го предводи годинешното главно жири.

Екипата на филмот на отворањето, „Десетка во половина“ на Данис Тановиќ

Дваесет и седмото издание на фестивалот повторно беше отворено со босански филм, поточно, како што нагласуваат организаторите, со два босански филма. Првиот е филмот на Данис Тановиќ, „Десетка во половина“, кој беше и специјално направен за отворањето, но и омнибусот „Писма од крајот на светот“ на првата сараевска класа на школата на големиот унгарски режисер, Бела Тар. Интересно е дека „Десетка во половина“ почнал да се снима во мај, и тоа благодарение на еден грант на турската телевизија и посветен е на култниот гастрономски симбол во градот, ќебапите, или како што ќе рече авторот, посветен е на Сараево. Како што раскажуваше Данис Тановиќ на првото „На кафе со…“, сценариото го работеле заедно со Никола Купрешанин и нивната цел била да направат еден вид мало љубовно писмо во тегобни времиња, односно сакале сатирично да се осврнат на целата оваа ситуација и да овозможат со хумор да се излезе од црнилото. Филмот зборува за двајца пријатели, кои ќе се судрат поради квалитетот на ќебапите. Во филмот играат: Бранко Ѓуриќ, Изудин Бајровиќ, Борис Лер, Керим Чутуна, Ања Матковиќ, Горан Навоец, а на отворањето во Народно позориште беше целата екипа, иако всушност филмот беше истовремено пуштен на дури 14 локации.

Јасмила Жбаниќ одушевена што филмот „Каде одиш, Аида?“ ќе го гледа заедно со публиката

Веќе за вториот ден беа предвидени 30 проекции во Сараево и во Мостар. На бројната публика (онаа која сè уште не го видела) и беше овозможено веднаш да го види и филмот на Јасмила Жбаниќ, „Каде одиш, Аида?“, кој освои многу награди, а беше номиниран и за „Оскар“ во категоријата на странски филм. Јасмила Жбаниќ беше одушевена што конечно филмот ќе може да се види заедно со публиката и да се почувствуваат емоциите. Таа рече дека досега пет пати со екипата правеле подготовки да се соберат и да имаат премиера, но тоа постојано се одложувало. Нејзиното задоволство беше видливо и на самото отворање на фестивалот, за што изјави: „Убаво е што градот живее, сите се поврзани, а тука се и колегите од регионот.“

Натпреварувачката програма, во која годинава се вклучени десет филма, а куриозитет е дека дури осум автори се жени, започна вториот ден и тоа со филмовите, „Ридот на кој рикаат лавиците“ на Луана Бајрами од Косово и „Бебиа, единствен копнеж на мојата душа“ на Јуја Добрахоус од Грузија. Интересно е дека во трка за „Срцето на Сараево“ единствена земја од која има два филма е Косово, за чија што експанзија зборуваат сите. Во трка се и: Душан Касалица од Црна Гора со „Елегија на лаворот“,

Доаѓањето на Bono Vox, пејачот на U2, до крајот беше чувано во тајност

потоа хрватската режисерка која беше наградена во Кан, Антоанета Аламат Кусијановиќ со филмот „Мурина“, вториот филм од Косово, „Барајќи ја Венера“ на уште една режисерка, Норика Сефа, кој е направен во копродукција со Северна Македонија, а премиерата ја имаше на фестивалот во Ротердам, а тука се и бугарските авторки Весела Казакова и Мина Милева, чиј филм „Жените не плачат“ беше исто така прикажан во Кан. Инаку, „Ридот на кој рикаат лавиците“ е филм за три млади жени кои се обидуваат на секаков начин да ја стекнат својата независност, а „Бебиа, единствен копнеж на мојата душа“ е филм за традицијата и борбата со своите духови од минатото, со кои не е воопшто лесно да се изборите.

Македонија на годинешниот Сараевски фестивал е присутна во повеќе сегменти, но во трка за „Срцето на Сараево“ учествува со два филма во Програмата на кратки филмови. Во оваа програма се вклучени 10 филма, меѓу кои се и: „Северен пол“ на Марија Апчевска, кој својата премиера ја имаше во Кан, и филмот „Соло мод“ на Тамара Котевска, направен во копродукција со Турција. „Соло мод“ е филм кој е инспириран од целата состојба со коронавирусот и зборува за една апсурдна состојба во семејството, во кое таткото ќе сака да развие професионална друштвена игра. Важно е да кажеме дека победникот во оваа категорија се квалификува за разгледување за номинација за „Оскар“ (а заедно со Програмата на европски кратки филмови се натпреваруваат и за номинација за кандидат за европските награди). Како копродуцент Македонија се појавува и во Програмата на документарни филмови, во филмот „Пореметена земја“, кој е копродукција меѓу Босна и Херцеговина, Шпанија и Северна Македонија, а како автори се јавуваат Кумјана Новакова од Македонија и Гилјермо Карерас Канди од Шпанија. Филмот зборува за Сребреница и за тоа на кој начин таа стана стварност на денешнината, односно сечија стварност.

Свои претставници имаме и во Талент кампусот во кој оваа година има над стотина млади таленти од цел свет, а од Македонија се избрани две актерки: Тамара Ристовска и Сабина Мемиши, додека во делот талент прес се вклучени и: Филип Мишов и Кристијан Фидановски. Фестивалот за сите заинтересирани нуди и пристап онлајн за целиот регион, во чија понуда се вклучени над 200 филма од 65 земји. И, на крајот се разреши и „најголемата“ дилема (која беше чувана во тајност), во Сараево пристигна и Bono Vox, фронтменот на групата U2, и тоа на премиерата на реставрираната верзија на „Хотел од милион долари“ на Вим Вендерс, добитник на „Сребрена мечка“ во 2000 година.

 

RELATED ARTICLES

Most Popular