Сунчица Уневска 

Една од поголемите атракции годинава на Сараевскиот фестивал беше доаѓањето на пејачот Боно Вокс, фронтменот на групата „U2“„. Неговото доаѓање на проекцијата на филмот „Хотел од милион долари“ на Вим Вендерс, каде што музиката на „U2“ е дел од филмот, беше до крајот чувано како изненадување, но и факт е дека беше направена вистинска атракција при средбата на Боно и Вендерс, а она што е уште поважно е значењето кое Боно го има за Сараевскиот фестивал. Имено, тој на Сараевскиот фестивал доаѓа трет пат, а својата поддршка му ја давал од самиот почеток. Овој извонреден музичар и хуманитарец, како што сакаат Босанците да нагласат, во 1997 година одржал голем концерт на Кошево, како што и ветил, на кој присуствувале 45.000 луѓе.

Срдечна средба меѓу Вим Вендерс и Боно Вокс на проекцијата на „Хотел од милион долари“

Токму затоа, не е воопшто случајно што тој со големи емоции зборуваше за Сараево и за тоа колку овој град е значаен. „Сараево има две верзии, онаа во која живеете вие и онаа која секој што ќе дојде овде ќе ја понесе со себе. Би рекол дека Сараевскиот фестивал е, всушност, врска меѓу она видливо и она невидливо Сараево“, зборуваше Боно. Тој исто така зборуваше за големината и виртуозноста на еден од најголемите режисери на денешнината, Вим Вендерс, зборувајќи дека му е многу мило што нивната музика е дел од неговиот филм. Боно остана само еден ден, но неговото доаѓање му донесе навистина посебна атмосфера на фестивалот.

Инаку, вчера и завчера веќе беа врачени првите награди на годинешниот 27. Сараевски филмски фестивал. Со оглед на експанзијата на телевизиските серии во регионот, но и во светот, Сараево од годинава воведе нова награда посветена на најдобрите серии. Како и што се очекуваше, на свеченото доделување на наградите во хотелот „Холидеј“ пристигнаа голем број регионални актерски ѕвезди, а водител беше Тарик Филиповиќ. За најдобра драмска серија беше наградена српската мини-серија „Фамилија“, која доби уште две награди, за Бојан Вулетиќ како најдобар креатор на серија и за најдобра машка улога во серија, за Борис Исаковиќ.

Борис Исаковиќ и Јасна Ѓуричиќ, ѕвездите на „Каде одиш, Аида?“, ги добија своите награди за улогите во телевизиски серии

Додека, втората исто така српска телевизиска серија „Група“ на Драган Ѓурковиќ и Урош Томиќ доби две награди, за најдобра актерка, Јасна Ѓуричиќ и за ѕвезда во подем, Ивана Зечевиќ. Инаку, во оваа категорија, ѕвезда во подем, беше номиниран и младиот македонски актер Петар Петковски за улогата во серијата „Фамилија Марковски“, чиј режисер е Даријан Пејовски. Интересно е дека Борис Исаковиќ и Јасна Ѓуричиќ кои се годинава во фокусот поради филмот „Каде одиш, Аида“ ги добија актерските награди за телевизиски серии.

Синоќа во отвореното летно кино му беше врачено и почесното „Срце на Сараево“ на познатиот мексикански режисер, сценарист и продуцент, Мишел Франко, кој оваа награда ја доби лани, но бидејќи минатогодишното издание се одржуваше онлајн, наградата му беше врачена оваа година. Во чест на Мишел Франко беше прикажан неговиот најнов филм „Нов поредок“, кој во 2020 го освои „Сребрениот лав“ во Венеција. Деновиве беа одржани премиерите на хрватскиот филм „Мурина“ на

На мексиканскиот режисер, Мишел Франко, лански добитник на почесната награда, годинава му беше врачено „Срцето на Сараево“

Антоанета Аламат Кусијановиќ, српскиот „Келти“, деби на Милица Томовиќ, кој се навраќа на животот во Србија во 1993 година, а беше прикажан и косовскиот филм „Барајќи ја Венера“ на Норика Сефа, кој е направен во копродукција со Северна Македонија. Овој филм за тинејџерката Венера, која заедно со својата пријателка Дорина, ќе се обиде да ги помести вообичаените граници во однесувањето на младите девојки во нивната земја, беше прикажан во Ротердам и ја освои Специјалната награда на жирито.

Премиера вчера имаше и краткиот филм на Тамара Котевска, „Соло режим“, еден од двата македонски кратки филма, заедно со „Северен пол“ на Марија Апчевска, кои се во трка за „Срцето на Сараево“. „Соло режим“ е приказна инспирирана од состојбата со коронавирусот и сето она што ја одбележа изминатата година, во поглед на изолираноста, маските, ризичните групи. Филмот е направен во копродукција со Турција, продуценти се Тамара Котевска и Илија Тирицовски, а извршен продуцент за Македонија е ОХО продукција. На премиерата, покрај Котевска, пристигна и дел од екипата, меѓу кои и главните актери: Александар и Весна Микиќ.

Режисерката Тамара Котевска и дел од екипата на краткиот филм „Соло режим“

Да споменеме дека годинава во индустрискиот дел на „Синелинк“ односно во програмата „Рack and pitch“ меѓу пет проекти кои се во фаза на развој и кои ќе бидат претставени во Сараево, е и македонскиот краток филм на Сандра Ѓоргиева, насловен „1 тон сладолед“. Сценариото за филмот го потпишуваат Ѓоргиева и Јаков Поповски, а во него играат: Јелена Јованова, Бодан Киранџиски и Јована Иванова. Филмот се снимаше во Скопје, во ОХО продукција, а интересно е дека Ѓоргиева веќе беше претставена на фестивалот пред неколку години, кога во документарната програма беше прикажан нејзиниот филм, „Зелени ѕидови, црна храна“ за студентскиот дом „Гоце Делчев“, кој предизвика голем интерес.

И токму во овој контекст би истакнале што е она што Сараевскиот фестивал, дефинитивно, го прави поинаков и што е она што го издигна над сите во регионот, го претвори во бренд, но, како што велат и многумина, во централен филмски настан во Југоисточна Европа. Не е тоа само програмата (иако годинава нуди дури 260 филма), која е многу мудро осмислена со цел да го претстави регионот, не е тоа само нивната идеја, да ги прикажат филмовите и да ги направат видливи нивните автори, туку вистинската грижа за филмот и за младите автори, кои впрочем треба да ги донесат и промените, но секако и континуитетот во филмскиот развој, кој во овој дел од светот претрпе големи кризи и падови.

Интервјуто со водителката на програмата „Соочување со минатото“, Маша Марковиќ, некако како да одговори на сите прашања, бидејќи таа зборуваше токму за односот на фестивалот кон младите автори и кон можноста тие да растат и да станат видливи за претставниците на филмската индустрија во светот, а секако и за филмските фестивали. Пред пет години Сараевскиот фестивал ја воведе Студентската програма, но не само за да се прикажат студентските филмови, имено работата не завршува тука, туку се следи нивниот развој, многумина од нив потоа одат на талент кампусот, па кога ги развиваат своите филмови се претставени на копродукцискиот маркет, а кога се во постпродукција Сараево ги кани селекторите на големите фестивали кои имаат можност да ги видат. Така што, како што вели Марковиќ, кога тие ќе излезат со своите филмови имаат чувство дека некој вложува во нив, дека некој пет години ги поддржува.

Таква е идејата и годинава со новата програма односно новата награда за рамноправност, која се однесува на жени-дебитанти. Но, нема жанровско или територијално ограничување, туку се поддржуваат сите филмови на дебитантки кои ќе донесат одреден квалитет, што значи, од самите нивни почетоци. Таа зборуваше уште многу за оној индустриски дел кој е невидлив, а во кој се одржуваат бројни работилници со цел авторите од Западен Балкан да ги видат работите од една поинаква визура и да имаат разбирање спрема различните заедници, бидејќи работите никогаш не се еднообразни. Додека, самата програма „Соочување со минатото“ оваа година има два сегмента, првиот е истражувачкото новинарство, односно занимавањето во денешно време со тоа што е вистина, а вториот сегмент се однесува на изолацијата на многу земји, поради што за цело време на траење на фестивалот може да се погледне и изложбата посветена на Палестина. И да заклучиме, Сараевскиот фестивал е вреден многу затоа што за разлика од мноштвото фестивали во овој регион, а особено за разлика од Македонија, се обидува да има значење и нешто за својата, но и за регионалната филмска индустрија, навистина и да направи.