Фото: Татјана Ранташа
Валентина Ѓоргиевска Парго
* Информацијата која деновиве допре до нас, дека “Сашо Поповски трио” со својата “Fallen land” е на водечка позиција на престижната тип листа “Џезоловка” на Хрватското национално радио, предизвика пријатно да се почувствуваме и да биде прилика уште еднаш да ја преслушаме материјалот на јутјуб. Навистина пријатно сме изненадени. 
-Ви благодарам, да тоа е успех на македонскиот современ џез и еден вид признание дека и кај нас се создава и продуцира квалитетна музика. Се надевам дека во блиска иднина и домашните музички емисии ќе го следат примерот на “Џезоловка” и ќе креираат слична топ листа на која би биле застапени повеќе домашни артисти и бендови. Во изминатите две години домашната џез сцена продуцира одлични изданија на кои за жал не им е посветено доволно медиумско внимание и таа практика време е да се промени.
*Како се чувствувате Вие со овој успех, да бидете во елитно друштво на најдобрите уметници со џез остварувања од регионов, и пошироко. Ретка можност е тоа, посебно за наши џезери, ние се уште не сме дел од ЕУ.
-Овој успех е признание за долгогодишната посветеност и истрајност во желбата за создавање оригинална музика и нејзина промоција во и надвор од Македонија. Ваквите моменти се навистина ретки, за нив мечтаеме додека го креираме концептот за презентирање на музичкиот пакет и не секогаш го добиваме посакуваниот фидбек. Искрено срекен сум што повеќе од пет месеци насловната композиција од албумот Fallen Land – SJF Records 2020, е на водечката позиција на топ листата во друштво на етаблирани џез музичари од поранешната Југословенска сцена.
*Гласањето ве држи најгоре. Кога ќе бидат објавени конечните резултати? Каква е оценката на креаторката на Топ листата за ова Ваше остварување?
-Топ листата Џезоловка ќе биде активна до почетокот на Јуни 2021, кога ќе бидат прогласени најдобрите за овој серијал, и истата ќе го има следното издание во месец септември 2021. За конечната оценка и сублимирање на впечатоците ќе треба да почекаме до финализирање на серијалот, но јас сум задоволен од интересот и приватните пораки кои ги добивам преку социјалните медиуми од следбеници на топ листата каде добивам коментари и мислења за мојата музика.
*Периодот на пандемија изолација Вам ви донесе побрз пробив, творевте, го создадовте новото издание на Џез фактори фестивал, успешно настапивте на Скопскиот џез фестивал. Работна и успешна ви беше 2020.
Фото: Татјана Ранташа

-Ова беше чуден период за сите нас, и се додека пандемијата трае ќе бидеме во неизвесност и нема да можеме конкретно да прецизираме идни планови. Музичката индустрија се промени неочекувано и фокусот на промотерите во светски размери се насочи кон домашните артисти. Јас ја имав таа среќа да на крајот од 2019 имам комплетен албум кој го снимивме со Иван Бејков – контрабас и Виктор Филиповски тапани, па понатамошниот терк на настаните следеше природно. Албумот “Fallen Land” излезе за етикетата на Скопски Џез Фестивал а неговата промоција на мое огромно задоволство беше во финалната вечер на фестивалот. Фестивалот ” Џез Фабрика” во континуитет го организираме веќе четврта година иако како проект – Мултимедијални Работилници за Млади започна во 2011 година и веќе цела декада во Пелагонискиот регион сме стожери на современата џез и импровизирана музика, преку промоција на нови изданија, презентирање на Македонските артисти и нивните соработки со интернационални музичари. Горд сум што во Битола после долги години неуспешни обиди, го етаблиравме фестивалот на регионалната џез сцена и бевме домаќини на најголемите балкански џез артисти. За новото издание на ЏФФ имаме одлична програма каде ќе промовираме две нови изданија на домашни артисти, ќе ја доделиме наградата “Гоце Димитровски“ – за најдобар млад џез музичар по втор пат, и ќе имаме фантастични меѓународни артисти. Ексклузивно за вашиот медиум ќе откријам дека на отворање на ЏФФ21 на Први јули ќе настапи триото на Васил Хаџиманов и за прв пат ќе го слушнеме новиот албум кој е снимен со Мартин Ѓаконовски – контрабас и Александар Секуловски тапани.

* Колку убава вест. Ви благодарам за оваа ексклузивна информација. 2021 е малку пораздвижена од претходната. Веќе сме живнати, не се плашиме така панично, правиме поголеми и планови за себе и својот живот. Што е во Вашиот план, и размисли за периодот што следува?
-Поучен од претходната пандемска 2020 каде мојот концерт во Македонскиот Културен Центар во Њујорк беше откажан поканите за интернационални концерти ги процесирам со доза на претпазливост. Инаку за 2021 веќе имам потврдени настапи на Дева Џез Фестивал – Романија, Музикастрада Фестивал – Италија, Џезибар – Србија, Нишвил – Србија, а во финални преговори се концертите во Македонскиот Културен Центар Берн – Швајцарија и ОФ програмата на Белградски Џез Фестивал. Мојот проект за промоција на албумот Fallen Land со шест концерти – градови во Р.С. Македонија беше одбиен од комисијата за музика – конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата при Министерството за Култура и овој дел останува под голем прашалник за реализација доколку второстепената комисија не даде позитивно мислење. На почетокот на годината веќе ја снимивме првата сесија за комплетно нов материјал – композиции кои ги напишав во периодот на пандемија, кој го работиме со триото ( Бејков – Филиповски ) и гостинот на виола Оливиер Самоуилан – Франција.
*Денеска е 8 март. Има ли Џезот некоја затскриена порака за жените? За нивната слобода, слобода како состојба на умот? Зошто ми се чини дека порано во Америка доминираа и џез пејачките, денес веќе не толку. Како мажите да го освојуваат родово се повеќе и ова поле. Или се лажам?
Фото: Татјана Ранташа

-Точно така местото на жените – артисти во џез индустријата изминатите декади беше маргинализирано, со доминантно присуство на машките џез артисти но тој тренд полека но сигурно се менува. Денес постојат асоцијации на женски џез изведувачи, композитори, оркестри, па дури и фестивали кои во својата програма презентираат единствено женски артисти. Мој впечаток е дека во блиска иднина оваа разлика ќе биде надмината, како и концептот на еднаква полова застапеност.

*Заедно со Вашата порака до слушателките од понежниот пол,
позборувајте ни за џез пејачката која извршила влијание на Вас како
музичар. И за крај составете ваша топ листа со петте најубави џез теми, кои на некој начин припаѓаат на жени.
-Бидејќи целиот разговор беше во насока на современиот – денешен џез, јас не би ги потенцирал женските џез икони и нивното влијание во создавањето на вокалниот џез, туку би сакал да ви ja предложам Petra Haden албум “Songs From My Father 2020“, снимен во живо за ABC Џез 2019 Мелбурн, каде исполнува композиции кои се компонирани од нејзиниот татко Charlie Haden кој е еден од моите најомилени џез музичари. Исто така би сакал да ви го предложам албумот “Harmony на Bill Frisell” издаден за Blue Note – октомври 2019 кој ги вклучува Petra Haden вокал, Luke Bergman бас и акустична гитара и Hank Roberts виолончело и вокал.