Валентина Ѓоргиевска Парго

Директорот на битолскиот Џез фактори фестивал, реномираниот автор, професор, изведувач и уметник Сашо Поповски, се осврнува на годинешната фестивалска програма, која ќе се случува од 1 до 3 јули, но и на своите планови.

Во пресрет на новото издание на битолскиот џез фестивал, насловен Џез фактори, логично е нашата средба најпрво да е условена од прашањето, каква програма не очекува? Што е она што фестивалот годинава ќе ни го понуди?

-За четвртото издание на фестивалот во старт подготвивме разновидност: четири концерти во главната програма, изложба на фотографии, диџеј сет, меѓународна конференција и по втор пат ќе ја доделиме наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез музичар како дел од страничната програма. Горди сме што на сцената на НУ Народен Театар – Битола ќе имаме премиерни изведби на два албуми и тоа „Melody Rhymes” на Васил Хаџиманов Трио (Мартин Ѓаконовски бас и Александар Секуловски тапани) и „Светло“ на Филип Динев трио, потоа мекедонска промоција на албумот „Veritas Vincit” на Пеџа Милутиновиќ Квинтет и четвртиот концерт „Human Touch” кој се реализира во соработка со  Генералниот конзулат на Република Грција во Битола. Фестивалот од своето формирање е насочен кон промоција и афирмација на домашните џез артисти и нивните најнови изданија и таа традиција продолжува и оваа година. Поради пандемијата со ковид буџетот во Министерството за култура – главен поддржувач на фестивалот за 2021 е видно намален, па оттаму и ние како фестивал значително ја редуциравме програмата и бројот на концерти од првобитниот план. Покрај Министерството за култураа наши поддржувачи се и Општина Битола, НУ Народен театар и Генералниот конзулат на Република Грција во Битола.

Во туризмот има едно правило “Домашните гости ја спасуваат сезоната”, но во пандемијата се покажа ова правило и за музиката, за концертите. Минатата година се што се правеше беше базирано на домашните изведувачи и артисти, оваа година малку е проширено, од регионов. Но во сета таа понуда, како токму ги избравте посочените артисти, имаше ли некој дополнителен критериум за изборот?

-Пандемијата предизвика големи промени во начинот на функционирање и реализирање на фестивалите но и музичката индустрија на глобално ниво. Нашиот пример е позитивен бидејќи брзо се адаптиравме на новонастанатата ситуација и во време на пандемија го реализиравме доста успешно изданието во 2020-та, со домашни но и регионални артисти на отворената сцена при НУ Народен Театар. Финале на минатогодишното издание беше концертот на Cuareim Quartet и Natascha Rogers Франција, концерт реализиран во соработка со Францускиот Институт Скопје и Француската Алијанса Битола.Изборот на артисти го правиме една до две години предходно следеќи ги артистите, начинот на презентирање на материјалите, критиките од релевантни извори и на крај пресуден фактор е итегрирањето на перформансот во колективната слика за фестивалот и нејзиното успешно претствавување пред би рекол пребирливата битолска публика која е со префинет вкус и доста критички настроена во секој момент.

Годинава ќе имате повторно дополнителни содржини, изложба, промоција, и доделување на наградата за млад џез изведувач. Кој ќе ја добие, откривате ли уште отсега или ќе биде тајна до самиот чин?

-Страничната програма опфаќа изложба на Татјана Ранташа – „Џезстетика“ фотографии на современи македонски џез музичари, диџеј сет на Јордан Николов, “Хибридна конференција” на тема џез индустрија – џез артист на која учество ќе земат директори на џез фестивали од Црна Гора, Србија, Словенија како и предавачи за Џез ПР од Холандија и Швајцарија. По втор пат оваа година ќе ја доделиме наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез музичар и истата ќе ја добие гитаристот Филип Динев – Магистрант на џез академијата во Хамбург, Германија а публиката во Битола ќе може да го проследи неговиот концерт за затворање на фестивалот, на 3 јули.

По неколку одржани фестивали, баш ме интересира какви се коментарите на вашите колеги од реномираната Музичка академија во Штип, што коментираат, сугерираат, што им се допаѓа?

-Искрени и најчесто позитивни коментари доаѓаат на адреса на тимот на ЏФФ. Ме радува што им се допаѓа нашиот авангарден пристап за селекција и организација, како и фактот што фестивалот се дистанцира од меинстримот и носи своја препознатлива оригиналност. Токму нашата посветеност и реализација ја препозна МОСТ Будимпешта, проект финансиран од Европската Унија во делот на Креативна Европа и го вклучи Џез Фабрика Фестивал во проект конекција на 10 фестивали од Балканот со 10 фестивали од Европа. Реализацијата на овој проект е пролонгирана за 2022 година, во партнерство со фестивалот „Musicastrada” Италија.

Освен фестивалот, на себе си презедовте доста други обврски во однос на вашата индивидуална кариера. Имавте убав пробив низ Балканот периодов, настапи, ве имаше и на Скопскиот џез фестивал, го промовирате вашиот албум, но оваа година ве очекува и придвижување кон други фестивали. Кажете ни нешто околу тоа?

-По доста успешната 2019 година со моето трио – Иван Бејков контрабас и Виктор Филиповски тапани,  во 2020-та го издадовме албумот „Fallen Land” за етикетата на SJF Records (Скопје Џез Фестивал) и да настапивме на фестивали како Петро Џез Фестивал – Санкт Петербург Русија, Тирана Џез Фестивал, Ваљево Џез Фестивал, Тетово Џез Фестивал и се разбира на светски реномираниот Скопје Џез Фестивал во финалната вечер. Во 2021 ќе настапиме на: Дева Џез Фестивал Романија, Џезибар – Србија, Џезаленд – Србија, Денови на македонска култура во  Швајцарија и уште неколку фестивали кои треба да се финализираат. Оваа година на мое големо задоволство ќе одржам и два мајсторски класови на џез фестивалот во Петровац – Црна Гора и Кикинда Џез Фестивал – Србија. Очигледно е дека со намалувањето на пандемијата се зголеми бројот на контакти и понуди за настапи но реалниот ефект – концерти можи да се очекуваат почнувајки од 2023.

Битола, градот на музиката, ве инспирира ли за нов албум, по Fallen land?

-Овој пандемски период беше доста креативен и инспиративен за мене, компонирав нов материјал за квартет за кој првата сесија веќе ја снимивме со гостинот од Франција Оливиер Самоуилан – виола, за краток период ќе објавиме и еден видео запис, а во текот на летото планираме да го комплетираме материјалот. Учествував и во еден глобален проект ( 3 ЦД дискови) кој вклучува 35 џез гитаристи од 34 земји во светот кој го раководи Само Саламон – Совенија, потоа соработка со Танос Ставридис – Грција за неговиот албум “Spicy Margarita”, соработка со Милан Петровиќ – Србија и една доста драга соработка со мојот сограѓанин претставник на електронската музичка сцена Александар Гроздановски ( Herzel ) чиј што албум ќе излезе под етикетата на една доста позната издавачка куќа од Берлин – Германија – но тоа мислам дека ќе биде одлична можност за повторно интервју.

Фотографии: Татјана Ранташа Скопје Џез Фестивал 2020