Актерот Сашо Ристовски познат на сите генерации, од најмладо до најстаро оваа година, поточно денес на 15 март, одбележува два јубилеја-10 години работен стаж во театар, а 20 години работа, односно професионална работа со актерството.
*Сашо како се чуствувате кога се во прашање два значајни јубилеја?
– Прекрасно. Да го задржите континуитетот во толкав временски период е навистина многу тешко, но јас мислам дека успеав. Тоа ми дава порив да продолжам уште повеќе и позрело во следниот период. Периодот кој е зад мене ми донесе многу зрелост. Зрелост и сигурност. Многу е важно ТОА, важно е за да можете да креирате, за да можете да се соочите со сите енигми кои се пред вас правејќи ја секоја улога.
*Водите ли статистика колку премиери имате изиграно до сега?
– Да. Во овој период изиграв околу 50 тина улоги во театарот и во приватните театарски продукции. Тука спаѓаат вечерните претстави и претставите за деца.
*Што се однесува до тв серијалите, колку снимивте овие 20 години?
– Имам играно во шест серијали. Едниот за деца, вториот е во продукција на Хрватската телевизија, и другите четири се народните приказни. Еден серијал од над 100 епизоди за А1 телевизија, 10 епизоди за ИН тв, неколку епизоди за Канал 5 и Тв Морис.
*Ве нема во ниеден филм до сега. Зошто?
– Едноставно не се појавувам на кастинг за филм, бидејќи сметам дека ако има потреба од мене ќе ме повикаат.
*Што е со наградите? Како да Ве заобиколуваат.
– Досега немам добиено ниту една награда на фестивал. Некако сум заобиколен од наградите. Тоа не ме потиштува воопшто, бидејќи за мене најголема награда е публиката. Џабе ви се 100 награди ако публиката не ве познава и не ги препознава вашите делс. Секогаш сум велел и стојам зад тоа дека публиката е најдобра жири комисија.
*Која ви е најомилена улога во овие 20 години?
-Сите. Едноставно јас сум од тие типови на актери кои ако не ми се допаѓа улогата или едноставно сметам дека не се пронаоѓам ниту во улогата ниту во текстот, па ниту во концептот, ги одбивам. Не ми значи дали е епизодна и главна, важно е тоа да се пронајдам во севкупноста. Сакам да ужива во подготвителниот процес и во изведбите. Затоа не можам да одвојам најомилена досега, бидејќи сите си ги сакам, сум уживал додека сум ги подготвувал и додека ги играм.
*Игравте со многу колеги и на сцената и пред камерите. Со кого најдобро соработувате?
– Со сите колеги се трудам во работниот процес и при изведбите да имам максимално коректен однос.Се случувале и разминувања во мислење но секогаш сум седнувал сум разговарал и сме наоѓале заеднички решенија, што е и нормално. Креативен процес. Можам само да издвојам со кого најмногу сум сорабтувал и најбрзо. Тоа се двете мои драги колешки Магдалена Ризова-Черних и Мирјана Поповска-Ристов. Од колегите со Роберт Ристов, иако понекогаш се разидуваме во ставовите за некои решенија, но тоа беше на самиот почеток. Јас имам играно и во престави каде Роберт има режирано и комплетно му се препуштав во соработката, бидејќи му верувам многу. Иако е актер,тој е и одличен режисер. Ми беше особена чест и задоволство што играв во неговата магистерска претстава по режија „Дони Дарк”.
*Како ќе го одбележите овој јубилеј? Ќе имате ли претстава во вашиот матичен театар?
– За жал немам претстава во мојот матичен театар. Иако на тоа треба да се внимава за сите колеги кога се јубилеи во прашање. Додека јас бев директор на тоа поле внимаваме. Сега незнам зошто е тоа така, но тоа треба да го прашате него и уметничкиот совет на театарот кој ја креира програмската и репертоарската политика на театарот. Мора да се внимава на тоа за сите актери, но тоа е тоа. Јас мојот јубилеј ќе си го прославам со претставата „Чекајќи го минисерот” каде заедно на сцена ќе бидам со легендарната актерка Лидија Вуќичевиќ и колегата Семир Гичиќ. Тоа е почит од нивна страна бидејќи ретко кој имал шанса да игра со толкава голема ѕвезда како Лидија.
*Кои ви се идните планови кои се поврзани за вашата професија?
– Имам повеќе  планови, една од нив е турнејата со претставата „Чекајќи го министерот”, а другите не сакам да ги откривам се со цел да ги заштитам тие планови од „добронамерниците”. Животот и искуството ми одржа добра лекција.