Гудачкиот состав  „Филхармонија“ синоќа беше на програмата на фестивалот „Охридско лето“ во чии рамки ги изведе најпознатите квартети на руските композитори Чајковски и Шостакович, а  убавината на музицирањето одекнуваше во исполнетата катедрала.

-Поминавме одлично. Самиот амбиент на црквата и самиот фестивал дава такво чувство.Бевме навистина инспирирани и со задоволство свиревме. Имаше магични моменти на сцената кои е невозможно да се доживеат на проби. Мислам дека направивме убава вечер. Чајковски и Шостакович со своите насоки се различни и преубави, вели Ана Кондратенко, прва виолина во квартетот „Филхармонија“.

-Имаше многу убава атмосфера. Ја почувствувавме восхитеноста кај публиката.На репертоарот беа најпознатите квартети од руски композитори. Чајковски број 1 со многу познат втори став и Шостакович број бр. 8, опус 110, додава извонредната виолинистка.

Делото на Шостакович не завршува толку бомбастично и еуфорично, но сепак, веќе воспоставениот флуид со публиката и позитивните вибрации што ги пренесоа уметниците беа одличен повод за бурни овации и враќање на бис, по што квартетот „Филхармонија“, во целата руска програма внесе и македонски шмек изведувајќи ја композицијата „Не си го продавај Кољо чифлигот“.

-Одамна имавме желба да формираме ваков квартет, но немавме услови за тоа. Конечно најдовме место, камерната сала на Македонска филхармонија во новиот објект, со преубава акустика наменета токму за овие состави. Дотогаш во Скопје немавме акустична сцена каде да се претставиме освен во црквата „Света Софија“ во Охрид, вели Кондратенко.

Освен првата виолина, Ана Кондратенко, во овој состав музицираат и виолинистот Бојан Илкоски, виолончелистката Марија Михајловска, како и Бојан Талевски кој свири на виола. Овие млади, но исклучително талентирани уметници во неколкумесечното постоење како гудачки квартет соработувале со  познати диригенти и истакнати камерни уметници.