Поради исклучително неповолната метеоролошка прогноза што предвидува поројни дождови во попладневните часови во Струга, в среда на 24.8.2022, во термин кога на отворен простор, пред платото на Центарот за култура беше предвидено да се поставува масивна опрема за осветлување и озвучување и која може да претрпи оштетувања во услови на дожд, покрај веќе поставената сценографија, а исто така и прогноза за поројни дождови в четврток попладне 25.08.2022, на неколку часа пред терминот за одржување на свеченото отворање предвидено на вообичаената локација, платото пред Центарот за култура, бевме принудени да донесеме одлука за промена на локацијата на свечното отворање за да го минимизираме ризикот од откажување на настанот, најави организаторот на СВП.

Летната тераса на хотел „Дрим“, на којашто изминатите две години беше одржувано свечното отворање, оваа година е изнудено решение, што ќе понуди еден модифициран концепт на свеченото отворање во однос на оригиналниот, еден навистина смел концепт што вклучува авторска преработка на една од најпрепознатливите песни на фестивалот од страна на реномиран музички бенд, инвентивно сценографско решение, впечатлив графички дизајн и сето тоа под водство на една од нашите најпознати режисерки, што беше замислен да се изведе на платото пред Центарот за култура.

“Се надеваме на разбирање од публиката, а се надеваме дека прогнозата за свечното затворање, која е за нијанса поповолна, ќе се покаже точна и ќе се овозможи свеченото затворање по двегодишна принудна пауза да се случи на вообичаената локација, на Мостот на поезијата.

Внимателно ја следиме состојбата и благовремено ќе информираме за евентуална промена на локацијата за одржување на останатите програмски содржини, предвидени да се одвиваат во Конгресната сала на хотел „Дрим“ и летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, велат од СВП.

Програмата на фестивалот ќе се одвива во периодот од 25 до 29 август и ќе ги задржи препознатливите програмски содржини на фестивалот. Повеќе од 24 странски поети, како и триесетина домашни поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот на главните поетски читања. Во состав на програмата е предвидено меморијално чествување на доајенот на македонската поезија, Радован Павловски, вечер на хрватска женска поезија и промоција на специјалниот тематски број на „Книжевно житие“, поетски портрет на Шунтаро Таникава, поетски омаж на лауреатот на СВП во 2020 година, Амир Ор, портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ за 2022 година, како и повеќе поетски читања на домашни и странски поети.

Во рамки на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „ВЕРСОПОЛИС“, проект поддржан од Европската комисија. СВП се дел од овој проект од 2014 година.

„Струшките вечери на поезијата“ се одржуваат под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“ со кое се потенцира исконската врска помеѓу ритмичките обрасци во поезијата како одраз на ритмичките обрасци во природата и севкупната стварност, но и врската помеѓу поезијата и музиката. Во рамки на програмата на фестивалот, ќе биде промовирана и Антологијата поезија и музика, тематски избор на песни од истакнати домашни и странски поети чијашто тема е музиката.