четврток, април 25, 2024
домаСВП 2023: „Златен венец“ за Влада Урошевиќ, „Мостови на Струга“ за Гевин...

СВП 2023: „Златен венец“ за Влада Урошевиќ, „Мостови на Струга“ за Гевин Бредли

Добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“ беа прогласени на 21 Март, Светскиот ден на поезијата. Оваа година имавме исклучителна можност прогласувањето на лауреатите да се одвива истовремено во седиштето на УНЕСКО во Париз и во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“- Скопје. Во седиштето на УНЕСКО, во рамки на програмата на меѓународниот симпозиум во чест на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, директорот на СВП, Тодорче Тасевски, ги објави лауреатите на СВП, а во НУБ „Св. Климент Охридски“ на свечениот настан по по повод 21 март, Светскиот ден на поезијата и одбележување на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов лауреатите беа објавени од страна на претседателката на Управниот одбор на СВП, Елизабета Шелева и членот на Управниот одбор на СВП, Владимир Мартиновски по што следуваше поетско читање од поетско читање од истакнати поети-членови на Македонскиот П.Е.Н Центар и на Друштвото на писатели на Македонија.

Добитник на „Златен венец“ за 2023 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е македонскиот поет Влада Урошевиќ. Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 24 до 28 август.

Во образложението на одлуката, проф. д-р Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“,потенцира:
„Името на Влада Урошевиќ – дури и за оние кои не се темелно упатени во неговото долгогодишно и повеќежанровско творештво – е синоним за страствен вљубеник во писмото, искрено посветен на заводливата магија на книжевното создавање и, наспроти сите искушенија на совремието, непоколебливо верен на Словото!
Подготвен со леснотија да посегне и творечки да се испроба во најразновидни жанровски облици и експерименти, со речиси рамномерен удел во сите – Урошевиќ остана продуктивен и витален и денес, во своите позни години (кои извонредно луцидно и без видлив напор ги носи).
Урошевиќ остана доследен (и не само во нашата литература препознатлив) по креативниот спој на фантастиката и надреализмот, што ги негува во своите бројни авторски записи, но и неуморните читателски авантури, проткаени со истражувачко љубопитство и траен афинитет кон овие две сродни области.“

Влада Урошевиќ е роден во Скопје на 17.10. 1934 година. Поет, раскажувач, романсиер, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар, преведувач, универзитетски професор. Дописен член е на меѓународната Академија Маларме во Париз и редовен член на Европската поетска академија со седиште во Луксембург. Член е на МАНУ, на Македонскиот ПЕН-центар и на ДПМ. Автор е на повеќе од 15 поетски збирки, за кои има добиено бројни книжевни признанија, 6 збирки раскази, 5 романи, како и повеќе критичко-есеистички студии. Незаобиколно е да се спомене и неговата богата преведувачка дејност. Освен што е заслужен за антологиските преводи на некои од најзначајните француски поети од епохата на симболизмот и надреализмот, Влада Урошевиќ преведува редица современи светски поети во едицијата „Плејади“ на Струшките вечери на поезијата, приредува неколку антологии на современи поети на национални книжевности, а исто така е ангажиран како ко-преведувач на неколку лауреати на Струшките вечери на поезијата. Добитник е на низа престижни награди. Домашни награди: државната награда „Свети Кимент Охридски“. Книжевни награди: „Браќа Миладиновци“ (трипати), наградата за најдобра прозна книга „Стале Попов“ (двапати), наградата „Роман на годината“, наградата за најдобар препев „Григор Прличев“ (двапати), наградата за преведувачки опус „Кирил Пејчиновиќ“, наградата „Рациново признание“ , наградата „Книжевно жезло“. За својата прва книга „Еден друг град“ ја добил тогашната југословенска награда за најдобра прва книга на млад писател „Младост“. Странски награди: наградата на издавачката куќа „Нолит“ (Белград), наградата „Халиде Едип Адовар“ на турскиот ПЕН центар, наградата „ Големо летечко перо“ на меѓународниот поетски фестивал „Словенска прегратка“ (Варна), орденот „Златна есен – Сергеј Есенин“ на московската организација на Сојузот на писателите на Русија, наградата „Златен витез“ на уметничкиот форум во Пјатигорск (Руска федерација). Владата на Француската република му го доделила прво државниот орден „Витез на Редот на уметноста и литературата“, а по повеќе години и орден од повисок степен „Офицер на Редот на уметноста и литературата“.

Во поздравното обраќање коешто академик Урошевиќ го прочита од говорницата во седиштето на УНЕСКО, тој го истакна следното:
„Поезијата, како највисок облик на користење на јазикот, како начин за негово претворање во уметничка вредност, извонредно многу придонесе за усовршување на македонскиот книжевен јазик и за неговото искачување кон високите области на современиот сензибилитет. Макар што тоа не се истакнува доволно често, поетите и преведувачите на поезија беа во првите редови на тој поход насочен кон освојување на новите хоризонти. Чест ми е што бев еден од учесниците во тој исклучително возбудлив потфат.
Во еден безмилосен процес на материјализација и комерцијализација на сите вредности, кој денес се одигрува во светски рамки, поезијата е симната од некогашниот пиедестал на една од највлијателните уметности. Притоа нејзината улога можеби станала помалку видлива, но не помалку значајна. Поетите од целиот свет, како некакво тајно братство, ја продолжуваат својата мисија на одбрана на духовноста. Струшките вечери на поезијата, со своето долгогодишно плодотворно дејствување, докажуваат дека дејностa на поетите – и покрај сите обиди за поттурнувања на заден план – и натаму има свој значаен удел во основната задача на уметностите – осмислувањето на светот.“

Добитник на наградата „Мостови на Струга“ за 2023 година е Гевин Бредли, ирски автор од Белфаст, Северна Ирска кој живее и работи во Канада. Наградата му се доделува за неговата дебитанска книга „Страв од разделба“.

Роден во Белфаст, Северна Ирска, откако дипломира Археологија и палеоекологија на „Квинс“ универзитетот во Белфаст, се сели во Едмонтон, Алберта во 2012 година за да изучува палеонтологија на диносауруси со д-р Филип Кири. Неговите први песни и куси раскази биле објавени во списанието „Стаклен бизон“, а оттогаш бил објавуван на обете страни од Атлантикот на најразлични платформи, меѓу кои и: „Север“, „Отворено уво“, „Галерија на љубопитството“ и „Тесерактс: 21“. Неговата поезија е објавена во весникот „Ирски Тајмс“ како дел од серијата „Хенеси, нови ирски писатели“, а била вклучена и во „Блек Спрингс Прес бр. 39“ антологијата на „Најдобри британски и ирски поети 2019-21“. Во 2020 година ја добил првата награда за поезија на поетскиот фестивал во Едмонтон, Канада, а неговата прва поетска збирка „Страв од разделба“ била објавена во 2022 година од „Јуниверсити оф Алберта Прес“. Работи како помлад предавач по палеонтологија на универзитетот на Алберта.

Страв од разделба“: Ова трогателно деби на Гевин Бредли го истражува емоционалниот данок кој произлегува од различните видови разделба: разделба од партнерот, разделба од претходното чувство за себеси, или разделба од домот и луѓето кои сме ги оставиле зад нас. Главниот наративен тек го опишува влошувањето на една долгогодишна врска, во кој се испреплетени песни кои раскажуваат за самотијата на имиграцијата и немирот на разделбата од Северна Ирска, татковината на поетот. Овие интимни песни навлегуваат во сопствените приказни преку една плејада од личности и места, од пристанишни градежници до кучиња, од морски брегови до вулкани и „ нежни усти кои брмчат како кошници.“ Останатите делови од збирката ги истражуваат доживеаните искуства по „Неволјите“ во Северна Ирска (каде се евоцираат доживеаните искуства на растење со бомби и доминантноста на католицизмот), раскажуваат раскази од дедовците, и ја прикажуваат трајната љубов за луѓето, јазикот и земјата. На крај, „Страв од разделба“ во себе носи порака за надеж, порака која сака да нè потсети дека „ќе бидеме запомнети / за себеси, а не за местата кои / ги оставаме зад нас“.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ