Поради утврдени неправилности дел од компаниите увознички добија решенија за забрана за работа, забрана за пуштање во промет на мазут и покренати се барања за одземање на лиценците. На седум од компаниите им се изречени прекршочни казни во вкупен износ од 55.510 евра. Ова денеска го соопштија заменик-претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и министерот за економија, Крешник Бектеши на прес-конференција на која информираа за наодите од спроведената сеопфатна анализа што ја направија државните институции за увозот на мазут.

Сите наоди како што информираше Николовски утрово се доставени до Основното јавно обвинителство за понатамошно процесирање и утврдување на евентуална кривична одговорност.

„Владата покажа загриженост, подготвеност и одлучност за разврска и расчистување на сите сомнежи и прашања поврзани со информациите за увоз на мазут и нафтени деривати. По зададените владини задолженија, сите надлежни институции навреме, во рамки на дадените рокови, доставија информации, секој во согласност на надлежностите. Заедно со Министерството за економија, Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина и Бирото за метрологија, изминатиов период бевме во постојана координација, размена на информации, а сé со цел да добиеме јасна слика за фактичката состојба. Сето ова покажува дека веднаш по излегувањето на сторијата на ИРЛ, на мој предлог, со Министерството за економија ги задолживме надлежните институции за итни, вонредни и длабински контроли на целиот процес од увоз или производство до продажба на мазут и нафтени деривати. Институциите под ингеренции на Владата, веднаш постапија согласно законите и нивните надлежности и изрекоа соодветни казнени мерки“, кажа Николовски и дополни дека заштитата на граѓаните е врвен приоритет на Владата и додаде дека нема да прават никакви отстапки на тоа поле.

„Заштитата на здравјето на граѓаните и животната средина бара целосна посветеност, решителност и одговорност, тоа е наш врвен приоритет, и тука нема компромис. Граѓаните имаат право на здрава животна средина, а наша обврска е да обезбедиме услови за остварување на тоа право. Затоа, Владата со загриженост и внимателност пристапува не само за оваа информација, туку и за што претставува непочитување на законите и загрозување на јавното здравје“, кажа Николовски.

Вицепремиерот Николовски потенцираше дека согласно владините задолженија при вонредните инспекциски надзори, се опфатени и сите останати фирми увозници, а надзорите се вршени во сите фази, од увоз до складирање и користење на нафтените деривати, а кај дел од нив беа констатирани неправилности во делот на законската обврска за чување залихи и правилно водење на сметководствената евиденција.

Министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека здравата животна средина, безбедноста и здравјето на граѓаните се најголем приоритет на оваа Влада и кон овие прашања секогаш се постапувало со голема внимателност.

„Во изминатите три недели заедно со вицепремиерот Николовски и со Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина и Бирото за метрологија работевме интензивно за да утврдиме кои и какви пропусти се направени при увоз на мазут и како ние како Влада, но и Министерство за економија ќе постапуваме во наредниот период за да се избегнат злоупотреби кога станува збор за увоз на нафтени деривати. Квалитетот на нафтените деривати кои што ги користат граѓаните, но и индустриските капацитети мора да бидат согласно највисоките стандарди за безбедност на производите“, кажа министерот Бектеши и дополни дека Владата се залага за зелена агенда, агенда која носи поквалитетен живот на граѓаните.

Анализите како што информираше Бектеши го покажуваат следното:

Кај компанијата „Блу Технолоџи“, е констатирано дека продава „мазут ППД“, којшто како производ не е деклариран во Правилникот за квалитет на течни горива. Поради тоа, ДПИ на компанијата и изрече Решение за привремена забрана и пуштање во промет на пронајдениот производ.

Кај правниот субјект „САНС АГ Штип“, утврдено е производство на мазут од отпадни гуми, за кој Инспекторатот за животна средина констатираше дека не ги исполнува стандардите за квалитет. За оваа компанија, изречена е забрана за работа и барање за одземање на Б интегрирана дозвола.

„ДПИ, за овие две компании достави допис до Државниот инспекторат за животна средина за покренување постапка за одземање на лиценца, поради производство на производ кој го декларираат како мазут, а не соодветствува со параметрите на мазут, што е спротивно на Правилникот за квалитет на течни горива“, кажа Бектеши.

Понатаму според анализата, кај компанијата „Евротим“,утврдени се отстапки од граничните вредности на мазутот, што оваа компанија го увезува. Односно, параметрите за квалитет на мазут не одговараат согласно Правилникот. По задолжение од ДПИ двете цистерни од кои се земени мостри се вратени кај добавувачот. Дополнително, ДПИ има земено мостра и од складиштето на компанијата „Евротим“, за што анализите ќе бидат готови во текот на денешниот ден. ДПИ на оваа компанија и изрече Решение за времена забрана за пуштање во промет на мазут.

Кај пет цистерни со мазут на компанијата „Суперјтрејд“, утврдено е  отстапување од параметрите согласно Правилникот за квалитет на течни горива, во делот на поголем процент на вода од дозволеното. Петте цистерни на овој увозник, се вратени кај добавувачот. Дополнително, после неколку дена, кај оваа компанија е извршен уште еден инспекциски надзор, земени се три мостри, и утврдено е дека земените примероци се во согласност со Правилникот.

„Кај 7 компании изречени се прекршочни казни во вкупен износ од  55.510 евра. Или конкретно: „РКМ ДООЕЛ“ за немање на залихи и за неточно водење на сметководство. „Суперјтрејд“, исто така за немање на залихи во резервоарите, што ќе повторам е законската обврска. „Евротим“, поради немање залиха, и да потсетам истата оваа компанија има забрана за промет на мазут, поради отстапки во квалитетот. „Пертинакс-Скопје“, нема залихи на мазут. „Ли-оил ДБ Кавадарци“, нема залихи на мазут. „Блу технолоџи“, за несоодветна сметководствена евиденција, и оваа фирма како што кажав погоре има и привремена забрана за работа. „Ка-оил Енерџи Кавадарци“, нема залиха и утврдено е дека компанијата вршела трговија на мазут без лиценца од Регулаторна комисија за енергетика“, кажа Бектеши.

При спроведената внатрешна контрола од Царинската управа, утврдено е дека кај една компанија, тоа е  „РКМ ДООЕЛ“, декларираниот производ не се совпаѓа со царинската тарифа под која е увезен. Тоа значи дека еден производ бил означен во фактурата, а сосема друг е увезен. Од страна на Царинската управа, направено е прераспределување во правилна тарифна ознака, и од фирмата „РКМ“ е наплатен царински долг, дополнителни давачки и прекршоци во износ од над 24 илјади евра. Кај сите други контролирани компании, декларираниот производ се совпаѓа со дериватот што е увезен.

„Одлучни сме преку засилени контроли да избегнеме можни манипулации со квалитетот на горивата кои што се користат во земјата“, додаде министерот Бектеши.