Германија сака да и помогне на својата автомобилска индустрија со своите проекти за електрични возила. Државата ќе бара од сите бензински пумпи во земјата да имаат полначи наменети за електрични возила, а во проектот ќе бидат вложени 130 милијарди евра, вклучително и субвенции за набавка на ЕВ.

Според официјалните податоци, од 168.148 возила регистрирани во мај, само 3,3 проценти се електрични автомобили. Минатата година, помалку од два проценти од вкупниот број регистрирани автомобили во Германија беа електрични. Експертите веруваат дека причина за лошата продажба може да биде загриженоста на возачите за полнење на батеријата.

„Знаеме дека во 97 проценти од случаите, причината зошто луѓето не купуваат електрични автомобили е всушност загриженост за досегот. Германија сака да го реши ова со тоа што ќе им овозможи на возачите да знаат дека бензинската пумпа е секогаш отворена“, рече Диего Биаси, претседател на „Quercus Real Assets“.

За електричните автомобили да станат стандард, на Германија и се потребни најмалку 70.000 станици за полнење, како и 7.000 станици со брзи полначи.

Германија не е единствената што промовира електрични автомобили како дел од стратегијата по пандемијата на коронавирус, затоа што францускиот претседател Макрон исто така најави иницијатива вредна 8 милијарди евра со цел Франција да стане најголем производител на „чисти“ возила во Европа. А.Р.