Селски манири за возвишени убавини

184
Пишува: Филип Спировски

Filip Spirovski_1На четвртиот кат од хотелот Метропол во Охрид, свртен кон езерското синило, вчитувам впечатоци од минатите два часа. Се ломам во намерата да сум позитивен. Од оваа околина: храм на мислата и зборот во пошироки, светски рамки, не ми оди да плукам. Ама мора да е поврзано и со околината, зашто шефот на рецепција во хотелот со години работи тука и тој најмногу ја впива околината. Тоа што „на прва“ ве одвраќа и правилата ги толкува војнички, а не туристички секако е поврзано со обука, школување, искуство… А за околината се грижи и уште еден манекен од персоналот. Со сигурност е шеф или раководител; шета со рацете одзади, гледа визионерски и тивко им се обраќа на келнерите.

Пред влезната врата на хотелот до скалите са горниот паркинг, стои свиена малку постара зелена канта за отпадоци. Еден од тројцата мажи од горниот паркинг, со кеса колку две шаки ѓубре, се обидува да го стави отпадот во кантата. Во намерата го спречува гласот на шефот манекен: „Ееј, не таму со кесата. Таа е за ѓубре од гостите на хотелот. Ти фрли ја таму долу во контејнерите!“ Човекот збунето го гледа и се повлекува кај другите на горниот паркинг. Мене не ми се верува како некој може да спречува прописно фрлање на отпадоци. Се сетив како одамна во Скопје кесите со отпадоци знаеја да летнат од некој прозорец од повисоките катови. Помислив и на времето кога паркинзите беа обиколени со отпадоци. Се надевав дека тоа време е зад нас. Другата крајност била: не фрлајте отпадоци да не ми ја извалкате кантата за отпадоци! Најлесна ни е туѓата работа –својата не сакаме да ја работиме.

Тевизорот на терасата од хотелот зборува на холандски. На програмата е познатата „24 Кујна“. Сигурно е пуштена во чест на туристите од Холандија кои и оваа година ќе заштедат некое евро со престојот во Охрид. На официјалната страна на хотелот во графата специјални понуди стои ценовник од хамбургери и бели вешалици за сезоната 2015. ( http://www.metropol-ohrid.com.mk/mk/specijalni_ponudi/803/cenovnik_plazha_hoteli_metropol_i_belvi.aspx ) Но кого тоа го интересира ако се знае дека хотелот годината финансиски ќе ја затвори токму со оние кои ја креираат економската политика и туризмот во земјава, т.е. државните институции. Па што е важно дали цените ќе ги објавиме на сајт или во специјална понуда, или нема да ги објавиме па на рецепција ќе ве информираат колку чини ноќевање. И ако треба да доплатите за уште едно лице во собата тогаш цената може да биде како за изнајмување на цела соба. Тоа што одамна го повторуваат туристичките агенции дека возачите на автобуси продаваат аранжмани по дампинг цени за да ќарат на превозот, се повторува и со хотелите во Македонија. Подобра цена ќе добие пензионерски клуб од околината отколку туристичката агенција која треба да живее токму од проовизии од хотелите. Но, нашите хотелиери се поголеми од агенциите па не сфаќаат дека со прерипувањето на агенциите, прават поголема штета. Со прерипувањето на доедукацијата на персоналот повторно прават штета. А со немањето на самоевалуација ја потврдуваат карактеристиката за последна дупка на свиралото.

Некој ќе рече: сето ова е ветер во магла во однос на тоа што се ни се случува во државата, НО ако премолчуваме – околината ќе не чуе. Ќе го впие молчењето како што ние ја впиваме убавината од неа. Ќе ни врати: не ќе може веќе да ја впиваме и да ја точиме во мисла, во збор. А од овде од четвртиот кат на хотелот Метропол се мешаат сеќавањата: сликите од минатото, детските екскурзии и младешките ноќевања, семинарите и свадбите, забавите покрај брегот и тобоганот в езеро… В мислите од Св. Наум до Охрид над езерото како тепсија светнато, вековни убавини насобрани, навираат без престан. Овде зборот корен има, не е ветер во магла. Па што ќе ни се тогаш селски манири за возвишени убавини.