Земјотрес на грчкиот остров Крит Фото: принтскрин ЕМСЦ

Едно лице загина при уривање на црква во силен земјотрес со јачина од 5,8 степени што го погоди најголемиот грчки остров Крит во понеделникот наутро, соопшти Атинскиот геодинамички институт.

Земјотресот, проследен со голем број послаби потреси, ги натера луѓето да ги напуштат своите домови и згради. Еден човек загина при уривање на куполата на црквата во градот Аркалохори, каде се вршеле реновирања, соопшти полицијата.

Локалните власти соопштија дека девет лица се повредени во земјотресот во кој се оштетени бројни згради на островот.

Во најголемиот град Хераклион, многу луѓе истрчале на улиците. На учениците им било кажано да ги напуштат училиштата и да се соберат на отворено. „Беше доста силно и траеше долго“, изјави градоначалникот на Хераклион за телевизијата Скај.

Претходно, Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ) објави дека земјотресот достигнал јачина од 6,5 степени. Според Американскиот геолошки завод (USGS), земјотресот бил со јачина од 6,0 степени.

Епицентарот на земјотресот бил на 23 километри северозападно од Арви на длабочина од 10 километри, соопшти институтот во Атина.

Коментарите на веб -страницата на ЕМСЦ ја потврдуваат силината на земјотресот: „Загубивме рамнотежа, толку беше силно!“, „Никогаш не сум доживеал таков силен земјотрес. Се плашев. Зградата во која се наоѓам не е оштетена, но се гледаат пукнатини“, се некои од коментарите.

„Некои стари камени згради беа оштетени, сите излегоа“, „Целата куќа се тресеше, работите паѓаа“, „Многу силен земјотрес! Губевме рамнотежа додека стоевме“, се некои од коментарите за првиот потрес со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала. А.Н.