четврток, април 25, 2024
домаСерија оставки на соработниците на Трамп по насилствата во Вашингтон

Серија оставки на соработниците на Трамп по насилствата во Вашингтон

Ден по упадот на приврзаниците на Доналд Трамп во зградата на американскиот Конгрес при што загинаа четири лица, неколку членови на администрацијата на Трамп и негови блиски соработници поднесоа или најавија оставки денес, а неговиот министер за национална безбедност побара од Трамп да го осуди насилството на неговите приврзаници.

Рајан Тали, главниот советник на Трамп за односи со Русија, денеска поднесе оставка, а членовите на Советот за национална безбедност исто така се очекува да дадат оставка, изјави висок службеник на американската администрација, кој сака да остане анонимен.

Тој рече дека ветувањето на Трамп за „уреден трансфер на власта“ на новоизбраниот претседател Џо Бајден на 20 јануари делумно има за цел да запре повеќе оставки, но дека тоа најверојатно нема да спречи некои од неговите луѓе да си дадат оставки, пишуваат странските медиуми.

Неколку други високи функционери на Белата куќа размислуваат да поднесат оставка, вклучително и советникот за национална безбедност Роберт О’Брајан и неговиот заменик Метју Потингер.

“Само што разговарав со потпретседателот Пенс. Многу сум горд што соработувам со него”, рече О’Брајан.

Вршителот на должноста министер за национална безбедност Чад Волф го повика Трамп да го осуди насилството на неговите приврзаници кои се обидоа да спречат потврда на изборната победа на Бајден во Конгресот, која, патем, Трамп упорно ја оспорува.

“Видовме како некои приврзаници на претседателот се обидуваат да ги постигнат своите политички цели со насилство. Тоа е неприфатливо”, рече Волф и додаде дека не поднесува оставка.

„Овие акти на насилство не можат да се бранат, затоа барам од претседателот и сите избрани функционери силно да го осудат насилството што се случи вчера“, рече Волф.

Вчера попладне, по немирите, оставки поднесоа Стефани Гришам, шеф на кабинетот на првата дама Меланија Трамп и поранешен секретар на Белата куќа за односи со медиумите, секретарот на Белата куќа за социјални прашања Рики Нисета и заменичката на прес-службата на Белата куќа Сара Метјус.  А.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ