четврток, април 25, 2024
домаЖивотСоцијална политикаСерија тренинзи за наставници за градење на мирна и инклузивна училишна средина

Серија тренинзи за наставници за градење на мирна и инклузивна училишна средина

Градење на мирна и инклузивна училишна средина е целта на серијата тренинзи за наставници кои почнуваат да се спроведуваат денеска преку дводневни онлајн работилници. Тренинзите ги спроведуваат Новинари за човекови права во рамки на проектот „Споделување на знаење, управување со контроверзии во училиштата во Грција, Северна Македонија и Бугарија“.

-Новинари за човекови права преку овој проект во првата фаза ќе едуцира наставници на темата, а потоа заедно со партнерите ќе произведе и нов образовен прирачник на четири јазици (англиски, грчки, македонски, бугарски). Прирачникот ќе вклучува 8-часовна програма за обука заедно со прибирање повратни информации од работилниците за обука имплементирани во трите земји, а ќе се изработи и електронска алатка која ќе го вклучува едукативниот материјал за справување со контроверзии – посочува Наташа Доковска, проектен координатор.

Тренинзите се наменети за наставниот и управувачкиот кадар од основните и средните училишта, а активностите се спроведуваат во рамки на проектот „Споделување на знаење, управување со контроверзии во училиштата во Грција, Северна Македонија и Бугарија“ чија цел е да се изгради мирна и инклузивна училишна средина во рамките на партнерските земји Грција, Северна Македонија и Бугарија. Партнери во проектот се организациите „Антигоне“ од Грција, Новинари за човекови права од Северна Македонија и Центарот за меѓуетнички дијалог и толеранција „Амалипе“ од Бугарија.

Невладините организации на Грција, Северна Македонија и Бугарија со овој проект сакаат да развијат заеднички алатки за неформална едукација кои им олеснуваат на нивните локални училишни заедници да се справат со контроверзноста, а училишните заедници ќе бидат зајакнати ефективно да ги користат тие алатки и ќе се врши натамошна промоција на справувањето со контроверзии во наставната практика и училишниот живот. За таа цел НЧП ја преведе и публикацијата „УПРАВУВАЊЕ СО КОНТРОВЕРЗИИ“ која покрај во електронска, ќе биде достапна и во печатена форма.

Проектот е подржан од  Заедничката програма „Демократска и инклузивна училишна култура во функција (DISCO)“, а финансиран од страна на Совет на Европа и Европската унија. С.Х.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ