По повод 57-годишнината од скопскиот земјотрес, на 26 јули, недела, од 21 часот Кинотеката на Македонија и Македонскиот центар за фотографија организираат премиерно прикажување на два документарни филмови.

Ќе бидат прикажани “Првата светска војна, сеќавања” (WW1 REMEMBERING) 30 мин. на авторот Роберт Јанкулоски и “Преживеани спомени” (Surviving Memories) 36 мин. на авторите Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, а на проекцијата ќе се обрати амбасадорката на Швајцарија во Република Северна Македонија, Н.Е. Сибил Зутер Техада.

“Првата светска војна, сеќавања” е посветен на македонскиот фронт и на жртвите од Првата светска војна. Филмот е сниман во Македонија, Србија и Швајцарија, а финансиски е поддржан од амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија.

Филмот “Преживеани спомени” е дел од проектот “Фотографијата сведок или жртва” реализиран од страна на МЦФ во 2014 година во кој осум наши сограѓани, евоцираат спомени како го преживеале земјотресот од 1963 година и што е она што засекогаш ќе го паметат од тоа летно утро. Филмот е направен како дел од покомплексна уметничка инсталација и за прв пат се проектира надвор од поставката.
Овој проект беше финансиран од Амбасадата на Холандија во Северна Македонија.

Кинотеката воведе правила за безбедност од коронавирусот и затоа задолжителна е дезинфикација на рацете при влез во дворот и објектот, носење на маска или заштита преку устата и носот и одржување на дистанца додека се следи проекцијата. А.Р.