Валентина Ѓоргиевска Парго

На 19 декември, на Свети Никола, маестро Јанко Узунов со своите ученици гитаристи од музичкото школо “Узун” во Домот “Даре Џамбаз” традиционално правеше хуманитарни школски концерти. Се она што го изучуваа во текот на една година, тогаш и го претставуваа на бројната публика. Традицијата ја продолжи неговата сопруга Жаклина Узунова, но оваа година поради општата ситуација, концертот е одложен, а може да се погледа снимка од едно поранешно издание.

По заминувањето во легендите, на авторот кој остави неизбришлива трага во македонската забавна и Народна музика, со преку 500 песни, во неговото Валандово со негово име е именувама салата во Домот “25 мај”.

Но, да се потсетиме што ни кажуваше кога ја имавме честа да бидеме во неговиот дом. Информации, кои ќе се пренесуваат и на следните генерации.

-„Момчето со мандолина“ ја отпеавме со Цветанка Ласкова, на фестивалот „Опатија 1976“. Бевме најголеми фаворити за победа, а победникот одеше на Евровизија. На дневното гласање песната беше победничка, вечерта направија местенка за друг да победи…, раскажуваше додека беше жив,  легендарниот Јанко Узунов.

Своевремено, да се сретнете со таква легенда, како Јанко Узунов, беше доволна причина за среќа. Човек од кого извираше музика и само музика. Човек од кого извираше трпение и збор.

Во дневната соба, во семејната куќа во Радишани,  регалот му беше преполн со бројни награди, од фестивали и за животно дело. Таму ја чуваше и фотографијата од Тоше Проески, со кого не се сретнаа никогаш, ама првата детска песна која Тоше ја испеал во училиштето и му беше многу драга „Наставничке пријателке “, во авторство на Узунов.

Узунов имаше богата кариера  , за која сам ни ја раскажуваше :

-Јас сум од Валандово, мојата фамилија потекнува од Богданци, од Струмица. Роден сум во 1951 година, во Валандово. Во 1969 дојдов на студии во Скопје, се запишав на земјоделско- шумарски факултет и завршив, а потоа се запишав и на Музичка Академија, наставно-теоретски одел, и тоа го завршив. Како агроном работев пет-шест години. Музиката ме влечеше посилно. Со музика почнав да се занимавам од дете, најпрво свирев мадолина, па после гитара.

Уште на деветгодишна возраст почнав да свирам мандолина во музичка секција на училиште. Неколку години подоцна сестра ми од Скопје ми донесе ученичка гитара и оттогаш се сменив. Од едно улично валандовско апашко дете, штом ја фатив гитарата в раце, веќе станав друго дете и многу брзо напреднував како гитарист. Учев сам, а ги потпрашував и луѓето што знаеја по малку да ми покажат. Во 1966 година ја оформив рок групата „Златни стени“ од Валандово, која молскавично брзо стекна популарност, и тоа на републичко ниво. Настапувавме на тогашните актуелни гитаријади, тоа време тие беа мошне интересни манифестации на рокерите. Победивме на три такви гитаријади и весниците пишуваа за нас. И во Прилеп, и во Охрид каде мојата група зеде прва награда, но и во Скопје, каде исто така освоивме висока награда. На Гитаријадата 1969 во Гевгелија јас бев прогласен за гитарист и ми беше доделена електрична гитара од списанието „Млад борец“, беа зборови на оваа музичка легенда.

Тој бил на врвот на славата кога македонската естрада го доживувал својот процвет:

-Кога дојдов на студии едно извесно време мојата рок група опстојуваше и во Скопје опстојуваше, а после јас се префлив како соло пејач.

Во 1971 година се јавил на аудиција во Радио Скопје како забавен пејач и прва снимка што ја направил била песната “Магдалена“ од авторот Димитар Масевски.

-Таа песна стана многу славна со моето пееење, бидејќи еднаш веќе беше снимена со гласот на Вице Вуков, но беше забранета, бидејќи него националистички го отстранија. И така почна мојата кариера, а процветот го доживеав со Скопските фестивали, каде првпат настапив во 1972 година. Тие десеттина година јас водев кариера на забавен пејач и бев на врвот на забавната музика во Македонија. Се до згаснувањето на стариот „Скопски фестивал“ пеев редовно, пеев соло но и во дует со Цветанка Ласкова, со „Детелинки“, со Марина Пухариќ.

Легендарната песна „Момчето со мандолина“ ја отпеавме со Цветанка , на фестивалот „Опатија 1976“. Автори беа композиторот Славе Димитров и текстописецот Ѓоко Георгиев. Песната беше речиси готов фаворит да победи на фестивалот, а победникот одеше на Евровизија. На дневното гласање нашата беше победничка песна, вечерта нешто сменија, гласаа сите ТВ центри од тогашна Југославија и направија местенка за друг да победи, инаку сите беа расположени за нашата песна. Ако победевме ние ќе бевме први Македонци на Евровизија. Може да се смета дека таа е една од најубавите македонски забавни евергрини.

Во нашите средби ни раскажа и за фолк почетоците :

-Во почетокот на осумдесеттите години, кога згасна Скопскиот фестивал забавната музика во Македонија на еден начин почна да стагнира. А јас бидејќи имав афинитети кон фолкот уште од порано, сакав да продолжам во таа насока. Во 1971 кога се јавив во радио Скопје да снимам забавни песни, ги снимив и првите народни песни за Гоце Делчев, „ Делчев војвода“, „Јанка низ Гора врвеше“, „Стари дедо овци пасе“, се пробив и со патриотските песни. И тоа мене ми отвори едно алиби, за да почнам повторно да се пробивам и како фолк пејач. Во тој период додека кон средината на осумдесеттите почна „Макфест“, имаше една луфта од 5-6 години, во која се активирав со фолк музика. И во 1980-та година отидов на турнеја во Австралија. Од 1980-до 1993 година направив 14 турнеи во Австралија, зедов и награда на фестивалот „Камбера фест“. Постарите ќе се постетат дека тие години јас станав фаворит на македонската австралиска публика. Одев прежно сам и со моја група, а потоа се приклучи и мојата сопруга Жаклина. Прво одев со Виолета Томовска, Кочо Петровски, Јонче Христовски, Васка Илиева, после завземав една доминација таму како еден нов пејач и станав многу славен. Македонците во Австралија многу добро знаат за моите успеси. Има многу мои касети, плочи кои ги објавував со разни продукција. Јас пеев пред огромна маса на Македонци. Имам дури настапувано и во Сиднеј и во Мелбурн по тие стари концертни театарски- оперски сали со балкони, со по пет илјади гледачи Македонци.

Узунов настапил и на “Макфест”.

-Во средината на осумдесеттите години во Македонија почна и фестивалот „Макфест“ , таму настапив со мојата група Узун, со песната „Идам да те видам“. Настапував и на Валандовските фестивали првите 5-6 години и ги освојував високите награди, па на „Гоце фест“ од 1992 година, и секако освојував награди.Во осумдесеттите македонската музика ја доживеа првата криза, по пропаѓањето на Скопските фестивали, а втората криза дојде 1994 -1995 година кога веќе се изживеа таа еуфорија од фестивалите „Валандово“ и „Макфест“ и спласна интересот за македонските песни и пејачи, почнаа да доаѓаат пејачи од надвор. Тие години ја формирав и групата „Вардарски петли“ која настапи на валандовскиот фестивал со мојта песна „Чаки Панкерот“, првата хумористична песна испеана во Валандово. Ја оформив и женска вокална група „Сирма“, а во 1994 година и мојата група „Узун“ . И предложив на Жаклина (неговата сакана сопруга н.з.)да отвориме наше училиште, и да биде нов извор на средства и да си продолжиме со она што најдобро знаеме да работиме- музика. За среќа таа програма на модерна гитара наиде на голем интерес. Првата година запишавме 110 ученици, вежбавме во една просторија во уличиштето „Гоце Делчев“, и во моето домашно студио. Сега еднаш неделно во Домот на армијата одржуваме групна настава за гитара, а другите денови во моето студио држиме индивидуална настава. Во викендите снимаме нешто што ни треба, мене и на Жаки. Ете, со тоа се занимаваме, тоа е нашиот живот. И мојот син Кирил, е многу музикален, а одбра друга професија-тој е образован режисер,со гордост раскажуваше маестрото.

Тој правеше јубилеи на секои пет години:

-Кога сублимирам, кога правам некакви пресметки што се сум направил, се бројат околу 500 нумери, што како автор, што како изведувач. Само во Радио Скопје ме има на околу 300 музички дела. Имам снимено многу материјал и за продукциски куќи во Југославија. Јубилејни концерти правам на секои пет години, последно направив во 2010 во Дом на АРМ, славев 45 години кариера. Тогаш издадов 15 разни компилации, само со најдобрите песни досега. Сите цедиња беа различни- со забавни хитови, со народни, етно поп, стари патриотски песни, дуети, поп рок за гитара, амбиенталнаа музика, композиции за самостојна гитара, македонски поп евергрини, и ги подарив на публиката која дојде да ме слуша. Гала концерт ќе направам и за мојот златен јубилеј- 50 години песна, велеше Узунов, но за жал тој не се оствари.

Неговите ученици со многу респект и ден денес се потсетуваат и свират во чест на овој незаменлив музички педагог, музичар, автор, интерпретатор, гитарист и легенда!