Министерот за здравство, Венко Филипче на својата офцијална фејсбук страна информира дека Комисијата за заразни болести предлага 14 дневна самоизолација за патниците од Велика Британија. Ова е предлог заклучок од утринскиот состанок на Комисијата за сите граѓани кои во земјава со директни летови ќе дојдат од Велика Британија.

„Предлог мерката ќе биде предложена на координативниот штаб, а ја донесовме превентивно по информациите дека нова мутација на ковид-19, се шири во Англија и според првичните епидемиолошки анализи е позаразна. Засега, Комисијата не ја разгледува опцијата за предложување на дополнителна мерка, како задолжителен ПЦР тест за влез во нашата земја, односно рестриктивна мерка за влез или излез од земјава.“ – напиша Флипче.

Во меѓувреме се повеќе земји ги спуштија границите за граѓаните на Велика Британија, а официјален Брисел денеска ќе одржи состанок на кој се очекува одлука дали цела ЕУ ќе се приклучи на ваквата забрана. Постојат ограничувања од четврти степен што ќе бидат ревидирани за десет дена.

Последни на листата на земји кои ги суспендираа летовите од Велика Британија се Аргентина, Чиле и Канада. Аргентинското Министерство за внатрешни работи објави дека последниот лет пред суспензијата од Велика Британија е планиран за Буенос Аирес денеска наутро. Патниците и екипажот од тој лет ќе мора да одат во седумдневен карантин. Властите во Чиле објавија дека мерката ќе стапи во сила во вторник на полноќ и ќе трае 14 дена. Забрането е влегување на странци без постојан престој кои биле во Велика Британија последните 14 дена, а вчера Канада, исто така, се приклучи на се подолгата листа на земји кои забранија влез на патници од Велика Британија.

Германија, Франција, Холандија, Белгија и Италија се земјите кои првично ги суспендираа летовите од Велика Британија, каде од денеска се затворени сите продавници што не продаваат храна и основни намирници. Постојат ограничувања од четврти степен што ќе бидат ревидирани за десет дена. Исто така, забрането е патувањето надвор од овие зони, било во другите делови на Велика Британија било во странство. Баровите, рестораните и музеите во Велика Британија се затворени од средата.

Н.Доковска