Според последните информации, здравствената состојба на патријархот на Српската православна црква Иринеј не е добра. Тој е во тешка состојба и се бори за живот. Како што беше соопштено утрово од Српската православна црква, во текот на ноќта се случило општо влошување на состојбата.

По повод објавата на одредени медиуми дека патријархот починал, Српската православна црква повторно објави соопштение.

– Постојаниот совет на лекари, во присуство на лекари од Руската Федерација, при преглед на Неговата Светост Патријархот српски Иринеј, проверувајќи ги лабораториските анализи направени во текот на утрото, заклучи дека влошувањето утрово е последица на КОВИД 19 и дека здравјето на Неговата Светост Патријархот Иринеј е комплексно, но стабилно. За здравјето на Неговата Светост ќе продолжи да се известува јавноста.

Потоа беше објавен и целосен демант:

„Во врска со лажните вести за наводното упокојување на Неговата Светост Српскиот патријарх г-дин Иринеј, ја известуваме јавноста дека, според официјалниот извештај на советот на лекари кои се грижат за здравјето на Поглаварот на нашата црква, неговата состојба е непроменета во споредба со извештајот што го објавивме утрово. Сметаме дека ваквото лажно известување и намерна измама и малтретирање на целата јавност, дури и од одредени црковни личности, како и некои медиуми на кои до одреден степен може да им се верува, се крајно неодговорни и неморални. Ги покануваме сите да се помолат за здравјето на нашиот патријарх и да бидат информирани за неговата здравствена состојба од официјалните соопштенија на Советот на лекари и на официјалната веб-страница на Службата за информации на Српската православна црква “.

Патријархот Иринеј се наоѓа во Воената болница на Карабурма од 5 ноември, каде што беше примен откако беше потврдено дека е позитивен на корона вирусот. Минатата ноќ му паднало нивото на кислород во крвта. А.Н.