Министерството за економија со известување до трговците на мало препорача да се ограничи продажбата на сончогледово масло за јадење по едно пакување на купувач, односно да не се продаваат пакети на поединци.

„Од 13.04.2022 година на секој поединечен купувач кој ќе купува масло од сончоглед за јадење во трговските објекти, во текот на денот ќе биде ограничена продажбата на мала количина во единечно пакување. Се препорачува да не се дозволува продажба на масло од сончоглед за јадење во големи количини односно количини пакувани во пакети“, се вели во соопштението од Министерството за економија.

Министерството за економија образложува дека поради значајниот пораст на купување на масло од сончоглед за јадење од страна на домашни купувачи во однос на редовната потрошувачка на маслото од сончоглед за јадење во домаќинството, како и странски купувачи, се нарушува редовното снабдување на домашниот пазар.

„За да се одржува тековната состојба на домашниот пазар со масло од сончоглед за јадење во продавниците и да се избегне пореметувања од непотребна појава на недостаток на масло од сончоглед за кај трговците на мало, ограничувањето по купувач ќе важи до 31 мај 2022 година.  Се замолуваат трговците на мало во случај кога купувач бара да купи поголеми количини на масло од сончоглед за јадење во текот на денот, веднаш да го известат Државниот пазарен инспекторат“, се вели во соопштението од Министерството за економија.