Дел од странските поети, гости на „Струшките вечери на поезијата“, синоќа читаа своја поезија во Музејот на современа уметност. Со тоа и официјално заврши 60-то издание на меѓународниот поетски фестивал.

Владан Кречковиќ, Жоел Верне, Глорјана Вебер, Марија Дејановиќ, Јана Радичевиќ, Звонко Карановиќ се поетите кои можеше да ги слушне скопската публика, а се прочитаа и две песни од лауреатката, британската поетеса Керол Ен Дафи. Песните се прочитаа на македонски, на англиски и на албански јазик.

Годинешната добитничка на „Златниот венец“, британската поетеса Керол Ен Дафи, поради пандемијата не присуствуваше на фестивалот, меѓутоа го најави своето присуство за следната година.

Наградата „Браќа Миладиновци“ ја доби поетесата Лидија Димковска за збирката „Гранична состојба“, додека наградата „Мостови на Струга“ му беше врачена на српскиот поет Владан Кречковиќ за збирката „Париз-Тексас“.

Поетското читање во Скопје е традиција за „Струшките вечери на поезијата“, а покриената тераса на МСУ е локацијата каде што настапуваат поетите од 2019 година.