Валентина Ѓоргиевска Парго

Во Велешкиот театар се подготвува преставата “Деветка”, по сценарио на новинарот за култура Гоце Ристовски, а во улоги на Благој Чоревски – Чоре и Елизабета Стефановска.

Подготовките течат од 14 јули, актерите се во исчекување публиката што побрзо да ја види оваа драма на театарските штици, по многу нешта необична. Пред се станува збор за одлично и ретко убаво сценарио, кое потекна од истоимената книга на Ристовски,за која одекнаа силни пофалби од повеќе страни на светот, на јазиците на кои е преведувана, а како драма изведена е и во Нови Сад, во 2016 година.

Големиот актер Благоја Чоревски е иницијатор драмата да се постави и кај нас.

-Драго ми е што почнавме да го вежбаме, затоа што текстот се одигра во Нови Сад а ниту еден театар, ниту некој од директорите сакаше да го постави кај нас. Му се јавив на другар ми Гоце, му велам “да ми го пуштиш текстот, ќе го правиме”. Поминаа година и половина и среќа во Велес почнавме проби, во пресрет ни излезе директорот Сашо Димоски. Многу ми е драго што ќе излеземе со текст кој што е навистина е многу модерен, многу невообичаено напишан има добри елементи, двојни актерски игри кои што мене ми одговараат и едноставно сум среќен, работиме многу смирено. Одамна немам ваква улога во двојка. Мило ми е и што ќе ја презентираме и актерката Елизабета затоа што навистина е прекрасна. Задоволен сум како се се вклопува, ни изјави актерот.

Чоревски вели дека текстот му се допаднал целиот, потполно се внесол во него.

-Апсолутно цел текст, бидејќи е многу добар од почеток до крај, има развивање на карактерите, има невообичаена двојна игра, пишуван е брехтовски, не е битов, можеби има битови реченици внатре, но никако мислата не е битова. Двајцата сопружници се насочени кон коментирање на сопствената реалност, затоа што реалноста надвор не ја знаеме, само ја претчувствуваме. Можам да искажам една благоданост на Гоце што заедно сега го доживуваме текстот на многу поинаков начин отколку веројатно тој кога го пишуваше. Јас не сум го гледал на сцена, не љубам да ги гледам претставите, а потоа да играм во нив. Не гледам ни филм, ако по тој филм потоа се игра претстава. Јас и Елизабета овој пат ќе внесеме наша боја во оваа претстава, е позитивно расположен Чоревски.

Претставата треба да биде одиграна до 20 ноември, според роковите на Министерство за култура, а можно е да одиграат една затворена премиера, па потоа и за публика.

Ни актерката Елизабета Стефановска не го крие одушевувањето од текстуалната подлога за оваа театарска претстава, што интензивно ја подготвуваат.

-Уште кога колегата Чоревски ми го даде текстот, пред можеби две години, уште тогаш сфатив дека тоа е навистина сериозен текст и голем залак, и многу се израдував кога Министерство за култура го одобри и го уважи. За мене претставува ново доживување, досега не сум работела нешто вакво овде во Македонија, бидејќи јас работев долго време во Бугарија, таму студирав се вратив и сум вработена во охридскиот театар. Текстот за мене е огромен предизвик, прво затоа што е македонски текст од секоја гледна точка, мене лично ме засега како индивидуа, како уметник, второ затоа што работам со луѓе кои се се доајени во професијата. Чоревски за мене е прво пријател другар јас го нарекувам учител и за мене е огромна чест да работам со него. Гоце исто така е еден современ писател и сметам дека овој текст навистина ќе остане во македонската историја, јас сум многу среќна што ние први ќе го направиме кај нас. “Деветка” има многу длабока мисија за мене лично како актер јас така го доживувам и ќе признаам подготовките течат во многу пријатна творечка атмосфера, тројца сме, работиме баш онака како што се работи во театар, работиме етапно, работиме внимателно и заедно книгата ја адаптираме во сценската варијанта, и даваме театарски јазик. Не е ова репертоарна претстава што ќе полни сали и ќе се става секоја недела на репертоар, ова ќе биде сепак претстава за сладокусци, за помал круг на луѓе, но претстава што верувам дека тој што ја гледа ќе каже и на другите дека ја гледал бидејќи текстот нуди многу.

Јас сум искрено почестена што ете и Чоревски и Гоце ме избраа и ме поканија да работам, ќе си го запишам во биографијата со радост и заедно сме многу среќни што директорот на велешки театар Димоски, ни дозволи да работиме, ни ги даде сите услови најдобронамерно, најгостопримливо и ни дозволи да работиме, вели актерката.

Сценаристот ја опишува драмата, за која и веднаш, според насловот, се поставува прашање дали “Деветка” има некаква симболика и за она што Данте го пишуваше во “Пеколот” претставен преку деветте кругови , овој пат во некоја современа варијанта?

-Споредбите со Данте се само на некаков начин симболични, и ова е слика на ново време, малку и со иронија да се проговори за некои нешта кои што долго ни се провлекуваат како однапред зададени и конечни, кај Данте тоа се разбира е комедија, ова е божествена трагедија. Пеколот е тој во кој што се живее и денес и секогаш. Идејата дојде спонтано. Беа направени 11 верзии, а во 2016 година беше изведена премиерно во Нови Сад, со мала но многу силна екипа Соња Лештар и Лазар Иванов, актери кои што имаат една продуховеност, за среќа по нив дојде и до новата соработка, по иницијатива на Благоја Чоревски со кого ние се знаеме, се разбира, одамна. И всушност тој застана на чело на бродот, го зеде кормилото, рече “Ова можеме да го направиме, како не знам, но мораме да го направиме без разлика дали ќе имаме поддршка од ваму од таму”. Повеќе ја познаваше Елизабета како актерка, отколу јас и ја повика да глумат. Ова е еден сосема поинаков поглед што ние го нудиме, за разлика од Данте кој што го спомнавме, но според почетните импулси, очекуваме громогласен одек на претставата, нагласува авторот.