Како дел од истрагата за исчезнувањето на британското девојче Медлин Мекен, на кое му се губи трагата уште од 2007 година, германската полиција спровела детално пребарување на градина во предградие на Хановер.

Медлин, која имала три години во 2007 година, исчезна од стан во португалското одморалиште Праја да Луз што нејзините родители го користеле за време на одморот.

Според АП, надлежното германско обвинителство не соопштило никакви детали за тоа која е специфичната причина за претресот на градината и дали полицијата открила нешто поврзано со истрагата.

Инспекторите пристигнале на местото на настанот во понеделникот, а пребарувањето завршило синоќа.

Германските власти објавија минатиот месец дека идентификувале 43-годишен Германец како осомничен за овој случај, кој поради ова е под истрага за убиството.

Осомничениот, кој моментно е во затвор во Германија, поминал неколку години во Португалија, вклучително и во Праја да Лус околу времето на исчезнување на малата Медлин, и двапати бил осуден за „сексуален контакт со девојчиња“, соопштија германските власти.

Неговото последно регистрирано место на живеење во Германија е градот Брауншвајг, оддалечен околу 70 километри од Хановер, пренесува АП. А.Р.