Македонското здружение за култура, обичаи и традиции „Гороцвет“ и годинава, по 20 пат ја организираше манифестацијата „Дебармаалски средби и дебармаалски серенади“, по повод празниците Свети Трифун и Свети Валентин. Се одржа вчера, со повеќе настани. На почеток на манифестацијата уметникот и химанист Живко Поповски- Цветин, воедно и претседател на „Гороцвет“, во дворот кај познатата кафеана „Кај Жабарот“, со пријателите симболично закрои лоза.
Поздравна реч упати професор д-р Вера Стојчевска Антиќ, а потоа се одржи поетско- музичка средба на која присуствуваа познати имиња, поетите Лилјана Стоилковска, Илко Димитриевски, Лидија Лучко Јеремиќ, Горан Анчевски, Ѓорги Ѓоргиевски Ѓе.Ѓе., д-р Ванѓа Радевска, Билјана Ѓореска, Викторија Велева, Даниела Царулеска, Мендо Димовски, Оливера Јовановски, Ели Даниловска, Македонка Чадиноска, Симона Николова, Благоја Петковски, актерот Благоја Чоревски со сопругата Магдалена…
Присутни беа и Претседателот на друштвото на писатели Христо Петрески и Претседателката на собранието на ДПМ Кристина Николовска, како и Виолета Велковска советничка на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, оперската дива Милка Ефтимова, Лоза Илиевска од Клубот на жени со визија “Лоза”, меѓународниот шаховски мајстор Димитар Илиевски, спортистот Стево Стефановски, фото уметникот Драган Цвијетиќ и други значајни личности.
И музички ѕвезди го разубавија овој настан: Вики Среброва, хорот „Серенада“, Круме Спасовски, Ристо Лијаковски, Верица Ристеска и нејзиниот сопруг Љупчо Ангеловски, Миле Јовановски, а некои и запеаја. Воедно, учествуваат и ученици од средното музичко-балетско училиште „Илија Николовски- Луј”, поддржано од Катерина Митковска и Здружението на просветни работниви на Град Скопје.
Во водите на реката Вардар беше фрлено шише со порака за мир и за љубов од Македонија кон светот, потпишана од сите учесници на настанот, кои добија и слика од цвеќе на мирот од Цветин.
Освен тоа, по улиците по улицата „Костурски херои“ на Дебар маало се пееја серенади, се кршеше погача во пекарницата „Силбо“, се сладеа во слаткарницата „Апче“. Запазен беше и традиционалниот обичај, поетесата Тања Стоилковска од балкон ѝм фрли вода, додека одоздола се пееја серенади. Беа фрлени и цвеќиња и парички, со симболиката оние што ќе ги фатат цвеќињата, ќе се вљубат. Оној што ќе ја фати паричката– ќе се сврши, а, пак, оние што ќе бидат испрскани со вода – ќе треба да подразмислат околу тоа.
Потоа манифестацијата продолжи по улицата „Дебарца“, каде што во гостилницата „Антица“ симболично се запеа песната „Антице мори душице“. Се продолжи во кафеаната „Скопски мерак“, „Дебар Маало“, како и “Чардак” на Боемска, а освен здравица со вино, се рецитираат стихови и беа доделени и признанија на учесниците на оваа манифестација.
На оваа манифестација на новинарката Валентина Ѓоргиевска- Парго ѝ беше доделена “Цветинова награда за мир” за нејзината активност. Таа својата новинарска кариера ја почна во Охрид, под менторство на м-р Милчо Јованоски, кое сѐ уште трае.
Оваа манифестација годинава беше од хуманитарен карактер – сопствениците на споменатите ресторани на сметката на Црвениот крст уплатија парични средства, од некаде околу 30.000 денари, наменети за настраданите во земјотресот во Турција и во Сирија.