Тестирањето на вакцина против коронавирусот започна вчера, а четворица волонтери ја примиле вакцината во истражувачкиот центар Кајзер Перманент во Сиетл, САД. Првата личност што ја примила вакцината е Џенифер Халер од Сиетл, 43-годишна мајка на две деца.

„Ова е можност да се направи нешто“, рече таа за АФП.

Сепак, научниците велат дека ќе поминат неколку месеци пред да се знае дали вакцината е добра, а потоа ќе чекаме до 18 месеци за нејзино производство.

Типични вирусни вакцини, како што се оние против сипаници, се прават од ослабен или целосно „убиен“ вирус. Сепак, оваа вакцина mRNA-1273 не содржи САРС-КоВ-2 вирус. Внатре се наоѓаат кратки секвенци на генетски код кој е копиран од вирусот направен од научници во лабораторија. Надежите се дека тоа ќе го поттикне нашиот имунолошки систем да се бори против вистинската инфекција.

Волонтерите ќе добијат различни дози на експериментална вакцина. Секој ќе добие две дози во период од 28 дена во мускулот од надлактицата.

Според податоците објавени од страна на „Ворлдмитерс“ до 7 часот утрово, 182.726 луѓе во светот заболеа од КОВИД-19, 80.881 во Кина и 101.844 случаи надвор од Кина. Во Италија има 27.980 случаи, во Иран 14.991, а во Шпанија 9.942 случаи. А.Р.