Остануваат уште два дена од продолженото породилно што Владата им го имаше дадено на родителите кои се најдоа во време на пандемија дома. Одлуката тогаш гласеше дека сите оние родители кои се наоѓаат на породилно отсуство истото им е продолжено по автоматизам до 31 јули и ќе биде на сила до времетраење на времените мерки. Времените мерки се уште се на сила, но Одлуки се носат преку ноќ!

Во меѓувреме Владата со Одлука, преку ноќ донесе Одлука дека овие мерки не важат за родителите чии деца се вклучени во редовниот образовен процес – во училиштата, но нема никаква нова Одлука за родителите кои користат породилно отсуство. А, само колку за потсетување Одлуката за враќање на родителите чии деца се запишани во училишта придонесе голем дел од родителите во последен момент да се снаоѓаат кој да им ги чува децата…Родителите на породилно отсуство се исплашени и ним да не им се случи истото, бидејќи градинките се уште не се отворени, ниту е започнат процес на запишување деца во градинка, што ќе остави вакум простор и ќе ги примора да останат дома на сметка на работата. Од тие причини тие повторно пишуваат писма, но одговор нема од ниена институција, па ниту од министерот Филипче, кој патем минатиот пат им ја соопшти веста за родителите за продолжено прородилно отсуство.

Родителите прашуваат дали има нова Одлука за нивното породилно отсуство?

Од друга страна реагираат и мајките кои се соочиле со отказ во време на времените мерки, а како непочитување на препораките на Владата.

Мајките, кои ги има триесетина, бараат препораките на Владата за справување со пандемијата да важат подеднакво за сите. Нивниот проблем е во тоа што сите тие кои добиле решение за продолжено породилно, а притоа на работа биле пријавени на определено време, не им бил продолжен договорот, односно сега се останати без работа.  Со прекинот на работниот однос, по автоматизам им се прекинува и исплатата за породилно отсуство. Тие бараат и за нив да важат истите мерки како и за мајките вработени на неопределено време и да примаат надоместок за породилно отсуство.

Да се надеваме дека овие прашања ќе стасаат до надлежните институции и дека ќе има одговор за сите.    Н.Д.