Во 16 општини во земјава ќе се формираат регионални Ковид – центри, информира Министерството за здравство, додавајќи дека градоначалниците на 16 општини го поддржале предлогот на Министерството за здравство и на Комисијата за заразни болести.

Овие активности се одвиваат во рамки на подготовките на здравствениот систем за есенскиот бран на коронавирусот, велат од МЗ, а целта е да се обезбеди соодветен третман и тријажа на пациенти позитивни или сомнителни на ковид 19, без при тоа да се компромитира редовното работење на болниците и здравјето на другите пациенти.

-Станува број за дополнителни времени капацитети, односно монтажни модуларни болници или креирање на посебни патеки и услови во некои објекти, како и лоцирање и прилагодување на одредени други капацитети кои би можеле да се адаптираат и користат како привремени ковид центри – прецизираат од министерството за здравство.

На работен состанок по иницијатива на Министерот за здравство, а со поддршка на Заедницата на единиците на локални самоуправи ЗЕЛС, градоначалниците на општините Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола, Ресен и Прилеп, ја изразиле својата подготвеност, ја истакнаа својата безрезервна поддршка и се согласија дека ќе ги стават сите свои капацитети на располагање, во рамките на нивните ингеренции.

-Инфраструктурните барања се тесно поврзани со персоналот, опремата и ресурсите, и доколку истите не се стават во фокусот, тие можат да се појават како клучен ограничувачки фактор. Во тој смисол, стратешката координација, проактивното планирање, проценката на опциите и приоретизацијата се клучни во борбата со коронавирусот. Од страна на присутните градоначалници беше поздравена иницијативата на министерството и беше прифатен ваквиот пристап на координација – велат од МЗ.

Активностите за подготовка за евентуален есенски бран на ковид продолжуваат на 14 јули, кога Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести организираат состанок со директорите на болниците во овие градови, во однос на  здравствените капацитети и техничките потреби за да се подготви соодветен навремен одговор на евентуалниот есенски бран на ковид-19 во земјава. А.Н.