„Денес е мојот роденден, и добив многу добар подарок од Конго, од мојот континент Африка. Поминаа две недели без ниту еден пријавен случај на ебола и во моментов нема пациенти кои примаат третман.- рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус на денешната  прес конференција во Женева, која ради новонастанатата ситуација со корона вирусот можеше да се следи и онлајн, и продолжи- „Ова е многу добра вест не само за мене, туку за целиот свет – се сеќавам како целиот свет се грижеше за еболата – а особено за илјадниците здравствени работници кои се жртвуваа во борбата против ебола… Но, како што изгледа една епидемија завршува, едниот фронт на борба се затвора, а другиот станува сè покомплексен.“

Тој потенцира дека до денеска има вкупно 90.893 пријавени случаи на COVID-19 на глобално ниво, и 3110 смртни случаи. Според информацијата од СЗО во изминатите 24 часа, Кина пријавила 129 случаи, што е најмал број на случаи од 20 јануари. Надвор од Кина, пак, 1848 случаи се пријавени во 48 земји. 80% од овие случаи се од само три држави: Република Кореја, Исламска Република Иран и Италија. Од СЗО исто така информираа дека 12 нови држави ги пријавиле своите први случаи, а сега има 21 земја со еден случај. Во 122 земји досега не е пријавен ниту еден случај на заразен.

Генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус нагласи дека овој вирус не е САРС, не е МАРС и не е грип. Тој е единствен вирус со уникатни карактеристики. Тој објасни дека и COVID-19 и грипот предизвикуваат респираторни заболувања и се шират на ист начин, преку мали капки течност од носот и устата на некој што е болен. Сепак, постојат некои важни разлики помеѓу COVID-19 и грипот. Прво, COVID-19 не се пренесува толку ефикасно како грип. Втората голема разлика е во тоа што COVID-19 предизвикува потешка болест отколку сезонскиот грип. Додека многу луѓе на глобално ниво имаат изградено имунитет на сезонските видови на грип, COVID-19 е нов вирус на кој никој нема имунитет. Тоа значи дека повеќе луѓе се подложни на инфекција, а некои веќе страдаат од тешка болест.

„На глобално ниво, околу 3,4% од пријавените случаи на COVID-19 починале. За споредба, сезонскиот грип убива многу помалку од 1% од заразените“ – кажа генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус во неговото обраќање на пресот.

„Трето, имаме вакцини и терапевтици за сезонски грип, но во моментот нема вакцина и нема конкретен третман за COVID-19 . Сепак, клиничките испитувања на терапевтика сега се прават, а повеќе од 20 вакцини се во развој“ – рече Гебрејесус и продолжи – „И четврто, ние дури и не зборуваме за ограничување на сезонски грип – едноставно не е можно. Но, можно е за COVID-19.Треба да се ограничи движењето, затоа што тоа ќе спречи инфекции и ќе спаси животи.“

Овие разлики значат дека не можеме да го третираме COVID-19 точно на ист начин како да лекуваме грип, потенцираа од СЗО.

Генералниот директор на СЗО кажа дека се загрижени од способностите на државите да одговорат на овој предизвик, бидејќи голем дел од здравствените работници немаат  лична заштитна опрема – предизвикано од зголемената побарувачка, задржување и злоупотреба.  Овие недостатоци оставаат 47% лекари, медицински сестри и други здравствени работници од првите редови, без соодветна заштита.

По средбата со претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах, Гебрејесус рече дека е прерано за одлука за одложување на Летните олимписки игри, кои во јули треба да се одржат во Токио.

– Мислам дека сега е прерано да се носи одлука за тоа, треба да се следи ситуацијата, рече генералниот директор на СЗО.