Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека пандемијата на коронавирусот „забави“ минатата недела, иако стапката на смртност продолжи да расте, пренесува Анадолија.

СЗО, во својот последен епидемиолошки извештај, денес објави дека иако постои „тренд на намалување“ на бројот на случаи во Европа, овој регион сè уште има најголем број на нови случаи и смртни случаи на глобално ниво. СЗО наведува дека Африка забележа најголемо зголемување на нови случаи и смртни случаи, а предничат Јужна Африка, Алжир и Кенија.

Според СЗО, бројот на нови случаи на коронавирус пријавени во Европа се намалил за околу шест проценти минатата недела по претходниот неделен пад од десет проценти, што покажува дека „заклучувањето“ низ континентот го забавуваат преносот на вирусот. Меѓутоа, во овој регион се евидентирани околу половина од смртните случаи регистрирани во светот.

Во Велика Британија, бројот на случаи падна за околу 13 проценти и ова е прв неделен пад од крајот на август. Секој ден, во средината на ноември, беа хоспитализирани околу 1.600 луѓе, што е далеку помалку од 3.000 пациенти хоспитализирани дневно на почетокот на април.

Во Азија, според СЗО, најголем број на дневни случаи од почетокот на пандемијата е регистриран во Јапонија, со повеќе од 2.000 нови случаи на ден пет дена по ред, што е за 41 процент повеќе од претходната недела. Во Мјанмар, бројот на нови смртни случаи се зголеми за 74 проценти во споредба со претходната недела, со повеќе од 11.000 нови случаи и зголемување на бројот на смртни случаи за 36 проценти, на 188. А.Р.