Повеќе од една година по избувнувањето на пандемијата на коронавирус, СЗО побара од сите земји да ги затворат пазарите на кои се продаваат животни. Според светските медиуми, од државите се бара да воведат целосна забрана за продажба на живи животни на традиционалните пазари, со цел да се спречи појавата на нова пандемија како Ковид-19.

Во соопштението на Светската здравствена организација се повикуваат владите да ја прекинат продажбата на уловени диви животни, особено цицачи. СЗО вели дека, иако традиционалните пазари на храна имаат централна улога во обезбедувањето храна за голема популација, забраната за продажба на живи диви животни може да го заштити здравјето на работниците и клиентите на пазарите.

Посочено е дека некои од најраните познати случаи на Ковид-19 биле поврзани со пазарот на големо со традиционална храна во Вухан, Кина, каде што првите пациенти заразени со коронавирус биле сопственици на тезги, вработени на пазарот или редовни посетители, пренесува британскиот весник „Гардијан“.

Привремените упатства се развиени заедно со Светската организација за здравје на животните (ОИЕ) и Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП).

„Со упатствата се повикуваат земјите, како итна мерка, да ја прекинат продажбата на заробени живи диви животни на пазарите со храна “, соопшти СЗО.

“Животните, особено дивите животни, се извор на повеќе од 70 проценти од сите нови заразни болести кај луѓето, од кои многу се предизвикани од нови вируси. Дивите цицачи, особено, претставуваат ризик за нови болести”, додаде СЗО.

СЗО исто така ги повика владите да затворат делови од пазарите на храна каде што се продаваат живи диви цицачи, освен ако не се воспостават соодветни проценки на ризикот.

Според официјално прифатените податоци, епидемијата на коронавирус започна да се шири од кинеската провинција Вухан, односно од еден од тамошните традиционални пазари, каде што локалното население купува месо од диви животни. А.Р.