Глобалната епидемија на коронавирус е катастрофа чии последици ќе траат подолго време, предупреди денеска генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус.

„Оваа пандемија е здравствена криза што се случува еднаш на 100 години, а чии последици ќе се чувствуваат во наредните децении“, рече Тедрос на состанокот на комисијата за вонредни ситуации на СЗО.

Иако сега се знае повеќе за вирусот, сè уште нема одговори на многу прашања, а населението е сè уште ранливо, рече Тедрос, пренесува Ројтерс.

„Раните резултати од истражувањето на антителата ја покажуваат истата слика: најголем дел од светската популација е сè уште подложна на вирусот“, рече тој.

Многу земји што веруваа дека најлошото заврши, сега се борат со нови жаришта, а некои кои беа помалку ефикасни во првите недели од пандемијата, сега се соочуваат со поголем број случаи и жртви, рече генералниот директор на СЗО.

Низ целиот свет, 17 милиони луѓе се заразени со корона вирусот, а болеста однесе повеќе од 670.000 животи. А.Н.